Каде е најевтино да го наполните резервоарот на Балканот?
Нагло поскапе суровата нафта на светските берзи. Само денеска цената за барел скокна за 7% и повторно надмина 90 долари. Ова доаѓа по денешните нови напади на Блискиот Исток. Вчера и завчера цената на нафтата се стабилизираше и тоа ѝ даде оптимизам на Владата дека од следната недела може да има поевтинување на горивата.
„Важно е што како држава остануваме со најевтина цена на дизелот и на безоловниот бензин имајќи предвид дека ова се производи што се купуваат на берза, односно сите држави ги купуваат од исто место. Нема тука голема мудрост во делот кој е поголем или помал претприемач или поголем или помал државник, само што ние како Влада одлучуваме да се откажеме од голем дел од она што некои други држави не го направија, а тоа е акцизи, а се откажавме и од данокот на додадена вредност. Остануваме со таа политика и во периодот што следува очекувам повторно надолно нивелирање на цените“, кажа Мицкоски.
Споредбата што ја направи Сител покажува дека Македонија е меѓу земјите со најевтини горива во регионот. Со цена од евро и пол за литар Еуросупер БС-95, земјава се позиционира на второто место, веднаш зад Босна и Херцеговина каде бензинот чини 1,45 евро. Повисоки цени имаат Словенија, Хрватска, Унгарија, Србија, Црна Гора, Австрија и Италија, каде литар бензин достигнува речиси две евра.
Кај дизелот, Македонија ја дели првата позиција со Босна и Херцеговина. Во двете земји литар дизел чини едно евро и шеесет центи, додека во останатите држави што ги споредивме цените се значително повисоки. Во Србија, на пример, литар дизел се продава за 1,91 евро, а во Италија надминува 2 евра.
Разликите се уште поочигледни при полнење на цел резервоар. За 50 литри бензин во Македонија потребни се 75,50 евра, што е за 24 евра помалку отколку во Италија, каде истиот резервоар чини 99,50 евра. Во Австрија возачите плаќаат 93,50 евра, а во Србија 85 евра.
И кај дизелот Македонија останува меѓу најповолните. Полн резервоар од 50 литри чини 80 евра, исто како и во Босна и Херцеговина. За споредба, во Србија истиот резервоар чини 95,50 евра, во Австрија 102,50 евра, а во Италија 109 евра, односно 29 евра повеќе отколку во Македонија.
Откако почна војната на Блискиот Исток, речиси сите држави воведоа мерки за да ги регулираат цените. Србија, Црна Гора и Хрватска ги намалија акцизите, Словенија ги укина еколошките надоместоци и ги фисксираше цените надвор од автопатите, Босна и Херцеговина ги ограничи маржите..Во моментов кај нас во сила се намалени акцизи – за денар кај бензините и два денари на дизелот.
Сепак, опозицијата повикувајќи се на Евростат, тврди дека Македонија има најнизок животен стандард и најслаба куповна моќ во Европа.
„Просечната потрошувачка кошница кај нас чини 50 евра (индекс 49,7), додека во Европската Унија чини 100 евра. Над нас нема никој, пред нас се Турција, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија, Црна Гора и Србија. Додека Мицкоски од прес-конференција до прес-конференција зборува за „поголем раст од ЕУ“, за „прво место во туризмот“ и за „економско чудо“, Евростат вели едно: Ние сме на дното. Ниските цени не се успех. Тие се одраз на сиромаштија и слаба куповна моќ. Евростат не држи прес-конференции. Евростат објавува реалност“, велат од СДСМ.
Од март, кога почна војната меѓу САД, Израел и Иран, бензините во Македонија поскапеа за 18,5 денари за литар, додека дизелот сега се продава 27,5 денари поскапо отколку тогаш.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
