Македонија втора недела под топлотен бран - не се исполнети условите за црвена фаза
Македонија втора недела е под топлотен бран. Иако жештината не попушта, а температурите се околу 40-от степен, се уште не се исполнети условите за прогласување црвена фаза, која вклучува вонредни мерки за сите граѓани, а ризичните групи: хронично болните и трудниците треба да бидат одлободени од работа.
-Согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови, за прогласување црвена фаза потребно е да се пробие прагот од два последователни дена со максимална температура од 41 целзиусов степен за месец август, што во моментот не е исполнето, според прогнозата на УХМР , информираат од министерството за здравство.
Во меѓувреме од ИЈЗ секојдневно излегуваат со општи препораки за населението, а денеска ставија фокус на постарите од 65 години. Не само да не излегуваат надвор кога е најтопло, туку и да избегнуваат вклучување на рерни, шпорети и други грејни уреди од 13 до 17 часот.
-Бидејќи дополнително го загреваат домот и доведуваат до пораст на температурата, вели д-р Давид Здравески, рак. на Одделот за здравствена промоција и следење на болести при ИЈЗ.
Од ИЈЗ советуваат при температури околу 40-от степен, клима уредите да бидат на 25 степени, а постарите лица ако почувствуваат некој од симптомите на топлотен удар да побараат помош.
-Тоа се општо симптоми како вртоглавица, главоболка, бессознание, соодветно може да се појави мускулен грч. Мускулниот грч ако се јави, и ако до неден час не се регулира со ладна вода и доволно хидрирање, тогаш дополнително треба веднаш да се викне Итна медицинска помош. Треба значи да се внимава. Исто така дополнително, топла, сува кожа, значи тоа треба да биде препознаено и веднаш или да се повика Брза помош или дополнително ако можат да одат кај матичен лекар да се консултираа, советува д-р Здравески.
Според метео прогнозата и следните два дена ќе имаме многу топло време, а благ пад на температурите се очекува од четврток.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
