Македонија
11. August 2026 - 16:29

Ахмети: Јас побарав Груби да се врати и да се соочи со одговорност

Али Ахмети го вратил Груби од бегство. Во интервју за косовска телевизија, лидерот на ДУИ изјави дека тој побарал од Артан Груби да се врати во Македонија и да се соочи со одговорност доколку, како што вели, ја злоупотребил неговата доверба. Ахмети истакна дека се залага за вистинска и неселективна правда и изрази надеж дека Груби наскоро ќе биде ослободен од домашен притвор за да продолжи постапката.

„Јас бев главниот поддржувач кој побара Артан Груби да се врати во Северна Македонија за да го преземе процесот. Му реков директно: „Ако си ја злоупотребил мојата доверба, одговарај за тоа“. Тој се заколна дека ќе работи чесно. И единствениот збор што ми го кажа беше: „Работев чесно“. И, јавно побарав и вршев притисок врз локалната политика да го пуштат да излезе и одговори. Но, не со селективна правда, туку, сакам да се спроведе вистинска правда. И мислам дека работите одат добро, првото нешто е да се ослободи од домашен притвор и да видиме како ќе продолжи“, изјави Али Ахмети, ДУИ.

Од владејачката ВРЕДИ која претходно Груби го нарече црната кутија на ДУИ, денеска порачуваат дека правосудниот систем мора да работи независно и без политички притисоци. Од партијата нагласуваат дека власта не треба да се меша во одлуките на судството, но и дека никој не треба да трпи неправедни последици ако во случајот нема докази.

„Мислам дека тоа треба да им го оставиме на надлежните органи. Правосудниот систем треба да си ја сработи работата без политички притисоци. Ако има нешто за што може да се обвини, нека се прави тоа. Ако нема докази за тоа што реално го обвинуваат, ние не сме за никој да трпи неправдни последици. Значи, мислам дека власта не треба да се меша во работењето на правосудниот систем, како што тие ќе решат, така и нека биде“, изјави Дритон Сулејмани, Портпарол на ВРЕДИ.

За средување на состојбите, Ахмети во интервјуто повика на предвремени избори, но од владејачката партија ДУИ да не излегува со такви изјави бидејќи како што велат, кога и да се случат избори, победник ќе биде ВРЕДИ.

Инаку, за десетина дена истекува максималниот законски рок од шест месеци за домашниот притвор на Груби во тек на истражната постапка. Доколку обвинителстство до крајот на идната недела не поднесе обвинение со барање за продолжување на мерката, Кривичниот суд мора да му го укине домашниот притвор на Груби.

Мерката ја издржува од крајот на февруари откако сам се пријави на граничниот премин Блаце по 14 месеци бегство. Поранешниот вицепремиер е под истрага за проневера на повеќе од 8 милиони евра во Државната лотарија.