Македонија
23. August 2026 - 16:42

1,4 милиони евра за обнова на Исарот во Штип

Во Штип продолжува реализацијата на проектот за обновување на тврдината Исар. Во тек е изградбата на пристапниот пат, кој ќе овозможи полесен транспорт на градежните материјали и механизацијата до локалитетот и ќе го отвори патот за почеток на конкретните градежни и конзерваторски зафати.

- Ќе ја доловиме автентичноста и преку сето она кое го предвидува проектот, трите видиковци, акрополот, тврдината која треба целосно да биде осветлена ќе го презентира минатото и историјата на градот„ изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Планот предвидува целосна реставрација и уредување на просторот, со обновување на трите кули и нивно поврзување со бедем висок четири метри. Посетителите ќе добијат уреден пристап до врвот, паркинг, патеки и осветлен простор, а трите видиковци ќе овозможат панорамски поглед кон Штип. Во рамки на обновата се предвидува вградување на повеќе од 3.500 кубни метри камен, со цел да се зачува препознатливиот историски изглед на Исарот.

- Не само овој дел од градот туку и други локации кои се препознстливи за нашиот град размислуваме да ги конзервираме, реставрираме и обновиме и да ги доближиме до сите посетители да се осознаат со историското наследство на нашиот град, додаде Јорданов.

Проектот го реализира штипскиот Музеј, додека Општина Штип обезбеди околу 1,4 милиони евра преку вториот владин повик за користење средства од унгарскиот кредит. Предвидениот рок за реализација на целокупниот проект е 18 месеци, по што Исар треба да добие ново уреден и туристички атрактивен изглед.