Loading Video...
Македонија
23. August 2026 - 16:43

Реакции по изјавата на Jотова: „Немаме што да делиме со Македонија затоа што историјата ни е заедничка”

Затегнатите односи меѓу Скопје и Софија повторно се разгореа по изјавата на бугарската претседателка Илијана Јотова. На одбележувањето на Илинденско-Преображенското востание, таа порача дека Македонија нема што да дели со Бугарија бидејќи историјата е заедничка и дека Софија нема да отстапи од борбата за Бугарите во земјава, став кој веднаш предизвика бура од остри реакции во македонската јавност.

- Нормално е секоја држава да се грижи за правата на нејзините малцинства во друга земја, но не кога на Македонците во Бугарија им се врши асимилација и се угнетувани, а за Бугарите во Македонија се бараат секакви привилегии, вели копретседателот на ОМО Илинден Пирин, Стојков. Македонската држава мора цврсто да се спротивстави на тоа, бидејќи не се во прашање само малцинските права туку суверенитетот на нашата земја. Не смее да се дозволи Бугарија да прави што сака во Македонија, додека нашата земја не смее да направи ништо за нашинците кои живеат кај источниот сосед.

- Бугарија никогаш нема да ја промени стратегијата за македонското прашање. Треба да се изгради јасен став дека ќе се почитуваат малцинствата во двете земји, меѓутоа никаде во Европската Унија никој не бил условуван да го промени Уставот поради малцински прашања, вели поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев. 

За тоа како да се надмине говорот на омраза, кога Софија речиси секоја македонска реакција ја етикетира како говор на омраза, додека истовремено од нивна страна постојано доаѓаат изјави што го негираат македонскиот идентитет, Ѓорчев вели потребни се многубројни средби, постојани дискусии преку кои ќе се утврди што се подразбира под говор на омраза и како да се препознае од двете страни.