Македонија
27. August 2026 - 16:34

Владата преговара со 5 до 6 потенцијални инвеститори за изградба на дата-центри

Владата преговара со 5-6 потенцијални инвеститори за изградба на дата-центри во Македонија. Премиерот Мицкоски вели дека Владата нема намера да отстапи од овие проекти ниту милиметар, не се прави ништо тајно а во моментот кога ќе биде постигнат договор за изграбда на дата центри граѓаните ќе бидат информирани. Премиерот одговори и на бројните обвинувања на опозицијата.

Нема да навлегувам во суштината затоа што не заслужуваат суштински одговор на техничко ниво бидејќи манифестираат тотално непознавање. Замислете да не е вештачката интелигенција или податочните центрите како би изгледал денеска БДП да речеме на САД, зарем Nvidia, Amazon, SpaceX, OpenAI, мултинационални глобални компании чиишто брендови тежат трилиони би постоеле денеска ако  на било каков начин тие ги доведуваат квалитетот на граѓаните под знак прашање.  Така што апсолутно остануваме на таа стратегија како влада, овие впрочем проекти се во таа насока да преку  гас се изградат гасни централи кои ќе произведуваат електрична енергија која што подоцна ќе се користи во овие дата центри, потенцираше премиерот Мицкоски.

Претходно од СДСМ обвинија дека владата крие дека преговара за изградба на дата центри. Според опозицијата власта за сопствен профит ја форсира изградбата на дата центри, а со тоа во ризик ги става водата струјата и земјоделието. 

Освен во Пехчево, веќе објавивме дека компанија соопштила јавно дека за дата центри во Македонија добила капацитет на струја од 100 мегавати и директен пристап до реката Вардар за ладење од страна на Владата. За ова владата нема ништо нема соопштено. Се прават дилови за профити додека се крие од јавноста какви обврски се преземаат и како овие проекти ќе влијаат врз природните, енергетските ресурси во државата и земјоделието. Овие дата-центри трошат огромен капацитет на струја.  Поради тоа што струјата ќе се троши повеќе, ќе има поголем увоз од странство, вели Маја Борозан

Откако пред два дена советот на општина Пехчево со поддршка од сите 9 советници ја отфрли иницијативата за изградба на дата центар во градот, премиерот Мицкоски вели дека иницијативата била приватна, а не државна.