Карбинци подготвува нови зони за индустрија и домување
Во с.Таринци, општина Карбинци, започна уредувањето на инфраструктурата во урбанистичката зона, наменета за развој на лесната и незагадувачка индустрија. Станува збор за пет градежни парцели на површина од околу 8 илјади квадратни метри, кои по уредувањето на пристапот ќе бидат понудени на продажба.
-Да овозможиме основен степен на уреденост, тоа значи пристап до сите овие 5 градежни парцели, коишто во следниот период ќе бидат предмет на продажба. Има интерес од потенцијални купувачи, има интерес и од Општина Карбинци да се продадат заради дополнителен развој на општината во делот на незагадувачката, лесната индустрија, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.
Работите, според најавите, треба да завршат за околу една до две недели. Четири се со намена за лесна незагадувачка индустрија, а една е предвидена за мали комерцијални објекти. Паралелно се подготвува и поголема станбена зона, во непосредна близина на Таринци и Карбинци.
-Населбата наречена Вршник, по старото име на селото Таринци, ќе биде со опфат од 9,9 хектари или околу 10 хектари површина и отприлика околу 150 плацеви за домување, со што граѓаните ќе имаат можност да купат плац, а општината ќе излезе со посебни мерки и услови за продажбата. Ќе има многу бенефиции за граѓаните, затоа што општината бесплатно ќе додели проект за градба, додаде Паунов
Урбанистичкиот план за станбената зона е во напредна фаза. Очекувањата се тој да биде донесен до крајот на годинава, а уредувањето и продажбата на првите парцели да започнат напролет следната година.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
