Сандерс и Бенон повикаа на ограничување на вештачката интелигенција

Американскиот сенатор од прогресивното крило на Демократската партија, Берни Сандерс, и поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон, повикаа на воведување ограничувања на системите за вештачка интелигенција (ВИ).
Зборувајќи на митинг во Вашингтон, Сандерс предупреди на „растечката закана“ што ја претставува вештачката интелигенција и оцени дека индустријата треба да се регулира со обврзувачки безбедносни правила. Тој рече дека ВИ има потенцијал да елиминира десетици милиони работни места, да затвори цели професии и да им го отежни на младите луѓе да влезат на пазарот на трудот.
„Како што веруваат многу научници, таа технологија би можела да излезе од човечка контрола, со потенцијално катастрофални последици“, рече Сандерс.
Тој особено ги критикуваше технолошките директори за концентрирање на контролата врз развојот на ВИ, вклучувајќи го и извршниот директор на SpaceX и поранешен советник на Трамп, Елон Маск. Сандерс, исто така, предупреди дека употребата на вештачка интелигенција за создавање нови вируси може да доведе до развој на биолошко оружје и нова глобална пандемија, со десетици милиони жртви.
Бенон, кој беше стратег во Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп како претседател, исто така го критикуваше пристапот на администрацијата кон регулирање на вештачката интелигенција. Тој верува дека Конгресот не треба да донесува закони што би ги спречиле државите да ги спроведуваат своите правила за вештачка интелигенција.
Трамп вчера ги минимизираше загриженостите изразени минатиот викенд од некои лидери во технолошката индустрија за потенцијалната злоупотреба на вештачката интелигенција, велејќи дека САД веќе имаат воспоставено заштитни мерки за технологијата.
Според анкетите на јавното мислење, повеќето Американци се загрижени дека вештачката интелигенција би можела да доведе до губење на работни места, зголемени трошоци за домаќинствата и други негативни последици за општеството. Според анкетата на Ројтерс и Ипсос објавена во јуни, 77 проценти од Американците се плашат дека центрите за податоци потребни за развој на вештачката интелигенција би можеле да ја зголемат цената на електричната енергија.
Жителите на неколку американски држави се спротивставуваат на изградбата на нови центри за обработка на податоци, кои се клучни за развојот на вештачката интелигенција.
МИА
Ново на Сител
-

Се предлага зголемување на помошта за новороденчиња: 18.450 денари за прво, 36.900 за второ и 52.275 денари за трето дете
-

Ги запалил дипломатските возила и побегнал - Поднесено обвинение за нападот пред Бугарската амбасада
-

„Ладна Вода“ нов партнер на македонските фудбалски репрезентации
-

Собрани три тона отпад во акција за чистење на булеварот „Борис Трајковски“
-

Јаневска: Ранг-листите за студентските домови се јавно објавени, тврдењата за нивно криење се дезинформации
-

Јавните обвинителства лани поднеле 334 повеќе обвиненија во споредба со 2024
-

Савески: Еден обвинител работи за тројца, но квалитетот на одлуките не е нарушен
-

74-годишен маж нападнат од неговиот син во Виница
