Монтеко освои две златни медали на меѓународен натпревар во Германија
Прва берба, прво меѓународно оценување – и веднаш две златни медали. Вината „Волкано“ и „Монте Роса“ на винаријата „Монтеко“ се закитија со злато на еден од најпрестижните светски вински натпревари – „Мундус Вини“ во Германија. Успех кој за младата винарија од Кратово има уште поголемо значење – ова е само почетокот.
Од лозјата во кратовскиот регион – директно на светската винска сцена. За „Монтеко“, првата берба беше и првиот голем меѓународен тест. Резултатот – две златни медали на престижниот „Мундус Вини“ во Германија. „Волкано“ и „Монте Роса“ ја освоија довербата на меѓународното жири, потврдувајќи го потенцијалот на вината создадени од грозје од сопствените лозови насади.
И двете вина се произведени од Каберне Совињон – сорта која во „Монтеко“ ја гледаат како еден од своите главни адути. Но, зад секое добро вино не е само сортата. Тука е и местото. Лозјата се наоѓаат во кратовскиот регион, на околу 700 метри надморска височина, во специфичен тероар кој на вината им дава свој карактер.
„Овие две злата за нас се огромна потврда дека сме на вистинскиот пат. Особено затоа што станува збор за нашата прва берба и прво меѓународно оценување. Ни даваат дополнителна мотивација да продолжиме да инвестираме во квалитетот и во развојот на винаријата.“ изјави Дарко Ѓоргиевски, технички директор на Монтеко
Амбицијата не застанува тука. Од самиот почеток идејата е да се создаде вино со препознатлив потпис – поврзано со регионот од кој доаѓа. Кратово, неговата височина, почвите и климатските услови се дел од приказната која „Монтеко“ сака да ја пренесе и надвор од македонските граници.
Првото меѓународно признание веќе стигна. Две вина, две злата и една порака – македонското вино има што да покаже и на светската сцена. За „Монтеко“, ова не е круна на една приказна. Ова е нејзиниот прв голем чекор.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
