Струмичките пожарникари за првпат ја употребија новата авто-скала за неочекувана мисија
Струмичките пожарникари синоќа имале невообичаена интервенција која за среќа, завршила со среќен крај. Тие со помош на авто скала влегле во стан на четвртиот кат, откако загрижен родител побарал помош бидејќи со часови не успевал да стапи во контакт со својата малолетна ќерка која била сама во домот. Откако пристигнале на терен и преку терасата влегле во станот, пожарникарите го затекнале девојчето во цврст сон, поради што и не ги слушало повиците.
,,Синоќа околу 19 часот во противпожарната единица добивме повик од загрижен родител кој неколку часа не можеше да стапи во контакт со своето малолетно девојче, кое било само во станот на четвртиот кат. Девојчето не одговараше на телефонските повици, ниту пак реагираше кога родителите ѕвонеа и се обидуваа да ја отклучат влезната врата. По повикот, наша екипа веднаш излезе на терен со авто скала и се искачи до терасата од станот. Оттаму успеавме да влеземе внатре и да им ја отвориме вратата на родителите. За среќа, загриженоста беше без причина , девојчето беше потполно безбедно и цврсто спиеше, поради што и не успеало да ги слушне повиците.,, рече изјави Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица.
Инаку, ова е првпат струмичките пожарникари да интервенираат со новата авто скала во реална ситуација. Истата беше добиена како донација од Општина Струмица и официјално промовирана и предадена на 20 мај, Денот на пожарникарите.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
