Македонија
27. September 2026 - 16:35

Мицкоски: Нема да прифатиме процес со нови вета и уцени на патот кон ЕУ

Досегашните билатерални средби меѓу македонските и бугарските претставници биле само „средби колку да се случат средби“ по кои, секоја страна излегувала со различна вистина, оценува премиерот Христијан Мицкоски.

Според него, реалност е дека има билатерален спор и токму затоа е неопходно директно присуство и посредништво од Европската унија. Мицкоски вели дека Македонија нема да прифати процеси кои носат ризик од постојани вета и уцени на патот кон полноправното членство.

„Нашата позиција е ние не можеме да влеземе во било каква авантура без да знаеме дека крајот е на дофат и дека јасно го гледаме крајот. Не би сакале да влеземе во процес којшто континуирано потоа ќе ни се поместува. Зошто? Затоа што еве ќе бидам најотворен и најдиректен, утре да ги отвориме преговорите, секое поглавје, секој кластер ќе треба потоа да се гласа во националните парламенти кога се затвора на земјите членки на Европската Унија. Тоа е најмалку 80 пати можност да ние повторно добиеме нови побарувања... Јас во тој процес нема да влезам“, вели Христијан Мицкоски, Претседател на Влада на Македонија.

Премиерот нагласи дека како партнери во НАТО алијансата, двете земји треба да делуваат партнерски и во процесот на евроинтеграција, порачувајќи дека македонската страна е подготвена за дијалог се додека не се најде заеднички прифатливо решение.

Покрај евроинтеграцискиот пат, Мицкоски изрази сериозна загриженост и за геополитичката состојба во регионот.

По состанокот во Њујорк со високата преставничка на ЕУ, Каја Калас, тој оцени дека дискусиите меѓу регионалните лидери потсетувале на реториката од деведесеттите години, посочувајќи ги тензиите меѓу Белград и Приштина, како и односите во Босна и Херцеговина.

„Имав чувство дека се случува една тензија којашто за мене во 21-от век навистина претставуваше големо изненадување. Ме загрижува фактот што навидум една работа може да го запали целиот регион и да предизвика сериозни тензии што можат да прераснат во конфликт. Со ваква подбуцнувачка реторика ние не можеме да ја градиме иднината онака како што посакуваме“, изјави Мицкоски во интервју за МРТВ.

За да се намалат таквите фрустрации кај граѓаните од Западен Балкан, Мицкоски побара од Брисел не само зборови, туку, и брза реализација на ветените мерки.

 „Побарав да имаме брзи испораки од страна на ЕУ, нешто што навистина може веднаш да се почувствува — да се реши проблемот со кој се соочуваат транспортерите и конечно да се реализира ветеното укинување на роамингот (‘roam at home’) за граѓаните од земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Ни требаат брзи економски придобивки за да видиме дека процесoт не е само на зборови“, вели Мицкоски.

Македонскиот премиер посочи дека земјата одржува постојана комуникација со соседите, потврдувајќи ги средбите во Њујорк со лидерите на Србија, Косово, Хрватска и Словенија со порака дека искуствата од минатото мора да служат за спречување на нови поделби.