Продолжува пензионерскиот „бунт“ во Свети Николе
Не стивнуваат протестите на пензионерите од Свети Николе, поради процентуалното, а не линаерно зголемување на пензиите. Сметаат дека на тој начини оние со најниски примања добиваат најмалку, а оние со највисоки пензии, најповеќе.
- Бараме Владата да го преиспита начинот, затоа што имаме наш Закон што тие го донесоа во Собрание, Владата и Уставниот суд го прифатија. Сега се враќаме на некој швајцарски модел, кој беше и порано, за процентуално усогласување. Ова се што го гледате, да не ги навредам луѓето, но сите се сиромашни и немаат повеќе од просечната пензија од 24 000 денари, па рачунајте дека тие 3% се некаде околу 700 денари покачена пензија, изјави Трајче Станојков, пензионер од Свети Николе.
Министерот за социјална политика вели дека со нив лично разговарал пред 5 дена и им ги објаснил причините за процентуалното усогласување и дека им била презентирана разликата меѓу двата модела.
- Беа кај мене тие луѓе на состанок и отворено ги разговаравме сите прашања. Беа тројца претставници и им беа укажани сите елементи зошто се постапува вака. Буквално математички беше објаснето. Меѓутоа, одлуката е, секако, на секој граѓанин да го изрази своето задоволство или незадоволство во државата. Ништо не е идеално во Македонија, да бидеме реални, и можеби никогаш нема да ги задоволиме сите. Меѓутоа, можностите и капацитетите, за жал, на нашата држава се толку. Треба да ги менаџираме најдобро што можеме, изјави Ѓоко Велковски, министер за социјална полтика, демографија и млади.
Според најновите податоци од ПИОМ, во Македонија има близу 350 000 пензионери. Речиси 100 000 или 28 % од нив земаат минимална пензија и во зависност од групата, односно, стажот, се движи помеѓу 20 900 и 24 650 денари.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
