Родителите на судијата Ристов: Парите во ѕидот се наша заштеда од бостан, пиперки и дињи
Родителите на судијата Ѓоко Ристов тврдат дека соѕиданите 350 илјади евра се нивни пари. Двајцата денеска беа во судница по барање на одбраната на Ристов. Кажаа дека парите кои ги пронашла полицијата се заштеда од продажба на бостан, пиперки и дињи кои ги продавале дури и на пазарот во Горни Милановац. Мајката Донка ја направила дупката во ѕидот и само таа, како што рече, паричињата ги ставала таму. Прво биле марки, потоа евра, а кога снемувало простор, купувале апоени од 200 и 500 евра. Тврдеше дека за илјадниците евра сокриени во ѕидот, знаеле само тие.
„За тие пари, не знаеше никој. Јас таму си најдов згодно место, не е од сега, од лани, туку од 1975 година. Се што ќе останеше паричка, само ја отварав плочката како прозорче и во фолија си ги ставав паричките. Откако дупчето стана тесно, за да не бидат во 50 (пеески), ги претворавме во поголеми апоени за да не фаќаат место“, кажа во судницата, Донка Ристова, мајка на Ѓоко Ристов.
И таткото на судијата Ристов рече дека парите биле нивна лична заштеда.. Банкнотите од 500 евра, ги разменувал во менувачници кои не издавале потврди. Двајцата кажаа дека немале доверба во банките и институциите, па затоа заработените пари ги чувале во ѕидот. На прашање од обвинителката, пак потврдија дека на штедна книшка во банка имаат по 15 илајди евра.
„Зборуваа и сведочеа за настани и факти, но тие не наоѓаат никаква поткрепа во останатите докази и материјали. Тоа се родители и таму маргината на веродостојност и емоции е јасна – станува збор за родители и дете“, кажа Искра Хаџи-Василева, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Родители на судијата кажаа и дека не знаат зошто при проверка на парите и фолиите освен од синот Ѓоко не се најдени и нивни траги. Според одбраната, истражителите не постапувале прописно, па денеска сведочеше и криминалистички инспектор.
„Ви кажаа дека на 29 декември, Ѓоко Ристов бил присутен и помагал при тогашниот претрес и оставил ДНК траги, па нашите вештаци ќе објаснат зошто нема едни траги и зошто има други траги и како е вештачено“, изјави Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на Ѓоко Ристов.
350 илајди евра беа пронајдени во јануари годинава, а тогаш според обвинителството, таткото на судијата кажал дека спратот од куќата го користи неговиот син Ѓоко судијата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
