Македонија
9. October 2026 - 21:11

Одобренија за нови 1030 станови, половина во Скопје

Нови 1030 станови ќе градат ширум државата. Речиси половина од нив ќе се градат во Скопје.  Државниот завод за статистика ги објави податоците за издадени одобренија за градби во август. Издадени се вкупно 333 одобренија, што е раст од безмалку 19% споредено со лани. 

Најголем дел од нив се за високоградба, односно за објекти. Но има и за реконструкции и за нискоградби. А токму нискоградбите за 315,% ја зголемија предвидената вредност на одобренијата издадени во август. 

Според државната Статистика, вредноста на овие одобренија е 354 милиони евра, а тоа најмногу се должи на одобрението за изградбата на делницата од Блаце кон Скопје, чија проценка е околу 222 милиони евра. Но иако економската логика вели дека доколку понудата се зголемува, цената ќе падне, тоа очигледно не важи за пазарот на недвижности во државата. 

Шестмесечниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижности вели во првата половина од годинава продадени се 1.718 станови за 135 милиони евра. Според Катастар, просечната цена на квадрат во Скопје се движи околу 1.450 евра за метар квадратен.

Според Катастар, просечните цени во централното градско подрачје се движат од 1.200 евра за метар квадратен во Чаир и Ѓорче Петров, до 2.500 евра во просек за луксузните објекти во Центар. Но веб-странциата cenanakvadrat.com покажува сосема поинаква слика. Тука, просечната цена за метар квадратен е 2.158 евра. Па според неа, квадратен метар во Центар чини 2.400 евра, додека во Чаир, просекот е 1.420 евра.