Општина Струмица ја покрива Шапкар со земја за да го намали ризикот од пожари
Со цел да се намали ризикот од нови пожари, Општина Струмица започна со затрупување и засипување со земја на регионалната депонија „Шапкар“.
Досега е саниран северниот дел, односно околу половина од депонијата, а активностите ќе продолжат и во наредниот период.
Намерата е на целата депонија да се постави земјен слој од околу половина метар со кој ќе се покрие досегашниот наталожен отпад.
Според градоначалникот Петар Јанков, со ова делумно ќе се реши и долгогодишниот проблем со пожарите на депонијата, кој го засега целиот регион.
Паралелно со санацијата, општината воведе и 24 часовна чуварска служба, а поставен е и видеонадзор, со што дополнително се засилува контролата на депонијата.
Во исто време, таму има и дежурна механизација која интервенира при појава на пожар со цел навремено да се локализираат опожарените делови.
На „Шапкар“ се депонира отпадот од четирите општини од струмичкиот регион.
Во наредниот период се очекува дополнително обновување на механизацијата на ЈПКД „Комуналец“, која ќе се користи и за уредување и одржување на депонијата, како и за интервенции при пожари.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
