Македонија
10. October 2026 - 16:39

Скопското Кале ќе биде прогласено за културно наследство

Скопското Кале влегува во нова фаза на уредување, со обновени музејски објекти и најави дека неговото културно и туристичко значење конечно ќе дојде до полн израз.

Управата за кулутрно наследство како инвеститор на проектот, во 2024-та година доби пари од Владата за реализација на активности за одржување, адаптација и санација на двата музеја.

8 милиони денари подоцна, завршија градежните работи. Денеска надлежните направија увид на сработеното.

Санирани се и адаптирани двата музеја – на праисторијата, и Музејот на османлиското наследство.

„Можам да констатирам дека најголем дел од работите се однесуваа на адаптација и санација, односно на сите четири фази: машинство, архитектура, електрика и браварија, бидејќи, како што сите знаете, од 2017 до 2024 година овие два објекта, за жал, беа оставени на забот на времето“, изјави Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.

Скопското Кале наскоро ќе биде прогласено за културно наследство. Премиерот најави кога објектот целосно ќе се среди, ќе се наплаќа и влез.

„Сега е веќе средено, тука знаете имаше трева, колку толку хортикултурно е потсредено за да можат колку толку посетителите да се запознаат со Скопското Кале, но не сме задоволни од ова што во моментот се случува. Знаеме дека Калето има повеќе можности и ние како Влада ќе застанеме позади институциите и финансиски и логистички и секако да скопското Кале го добие оној лик којшто го заслужува и да биде дел од Скопје-европска престолнина на културата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Сега на потег се експертите од Археолошкиот музеј – кои треба да се погрижат за внатрешниот интериер на музеите.

„Идеен автор на концептот на двата музеи е долгогодишниот истражувач и раководител на археолошките истражувања на скопската тврдина Кале, професор д-р Драги Митревски, додека автор на дизајнот на поставката е професор д-р Јован Ивановски“, изјави Магдалена Манаскова, директорка на Археолошкиот музеј.

Амбициите се Скопското Кале да стане повеќе од историски локалитет со поглед кон градот. Со музејски поставки, соодветно презентирани археолошки наоди и уредени објекти, тврдината треба да добие нова културна и туристичка функција.

Обновувањето на Калето е дел од подготовките за Скопје – Европска престолнина на културата 2028.