Македонија
11. October 2026 - 16:53

Голем интерес за викенд куќи под Беласица, Ново Село од 13 парцели инкасираше 5,7 милиони денари

Голем интерес за изградба на викенд куќи во подбеласичкиот регион на општина Ново Село.

Во Мокрино веќе се продадени сите расположливи парцели, додека во Смоларe остануваат уште дваесетина.

Само годинава, од продажбата на 13 парцели, општината инкасирала 5,7 милиони денари.

Градоначалникот на Ново Село, Ѓорге Божинов, вели дека интересот за парцелите во Смоларe бил поголем од очекуваното, што резултирало со повисоки продажни цени.

Од Општината велат дека средствата од продажбата ќе бидат реинвестирани во инфраструктурата на викенд-населбите.

Во Населбата кај Мокрино која се наоѓа во непосредна близина на излетничкиот локалитет Пирго и истоимената средновековна кула која била користена во времето на цар Самуил има 21 парцела.

Со помош на Светската банка тука веќе е обезбедена и комплетна инфраструктура.

Според општинските податоци, Ново Село годишно го посетуваат околу 15 илјади туристи, но најголем дел од нив престојуваат само еден ден поради недостигот на сместувачки капацитети.

Очекувањата се дека со новите викенд населби туристите ќе се задржуваат подолго и ќе ги посетуваат природните убавини како Смоларскиот и Колешинскиот водопад, Мокринските извори и останатите туристички локалитети во подножјето на Беласица.