Сејф сити од утре во Охрид, Струга, Дебар и Кичево
Безбеден град пристигна и во охридскиот регион.
Од утре, камерите на системот за сообраќаен надзор се активираат на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар и Кичево, а секое непочитување на сообраќајните правила ќе биде регистрирано.
„Со активирањето на системот ќе се овозможи засилена и континуирана сообраќајна контрола, навремено откривање на сообраќајните прекршоци, зголемување на сообраќајната дисциплина и унапредување на безбедноста на патиштата“, Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Додека системот го проширува опфатот, бројките покажуваат дека прекршувањата не запираат.
Само во септември, преку веб-апликацијата „Безбеден град“, наменета за сопствениците и возачите на возила со странски регистарски таблички, биле регистрирани 27.723 прекршоци.
Апликацијата профункционира на 19 август годинава, а заклучно со 5-ти октомври, вкупниот број на регистрирани прекршоци од возила со странски регистарски таблички достигнал 53.437.
Но, покрај регистрираните прекршоци, статистиката на МВР покажува и позитивни промени во безбедноста на патиштата.
Во периодот од јануари до август 2026 година, во сообраќајни незгоди животот го загубиле 62 лица, наспроти 96 во истиот период лани. Тоа се 34 жртви помалку.
Намален е и вкупниот број на настрадани лица – од 4.731 во 2025 година на 3.868 во 2026 година, што претставува намалување од 18,24 проценти.
Во истиот период, бројот на сообраќајни незгоди се намалил од 5.485 на 4.840, односно за 11,76 проценти.
Намалување се бележи и кај сообраќајните незгоди со смртни последици, од 82 на 54.
Бројот на незгоди со телесни повреди е намален од 2.291 на 1.896, додека бројот на лица со телесни повреди е намален за 833.
Сепак, бројот на лица со тешки телесни повреди останува речиси непроменет – 690 годинава, наспроти 686 во истиот период лани.
Сејф сити функционира во Скопје, Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија, а од утре се активира и на подрачјето на СВР Охрид.
Камери се поставени и на Коридорите 8 и 10Д, а според најавите до крајот на годината треба да се прошири и во други градови.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
