Суспензија за 6 полицајци за инцидентот во Сарај
Шест полициски службеници се суспендирани поради прекумерна употреба на физичка сила и нанесување телесни повреди на две млади лица во инцидент што се случил во средата во Сарај.
Истрагата на внатрешна контрола покажала дека биле утврдени низа неправилности во постапувањето на полицајците при преземањето на полициските овластувања.
„Од извршените проверки, обезбедените снимки од настанот и обезбедените изјави на лица сведоци на настанот, утврдени се низа неправилности при постапувањето на полициските службеници за што од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против шест полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат изречени мерки за отстранување од работно место-суспензија“, изјави портпатолот на МВР, Гоце Андревски.
Од страна на надлежните обвинителства се издаваат наредби за вештачење по кои се постапува, а по документирање на целокупниот доказен материјал ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Ваквата реакција доаѓа откако две момчиња од Скопје го обвинија МВР дека се жртви на полициска бруталност и прекумерна употреба на сила, по што веднаш беше отворена внатрешна истрага во министерството.
Во јавноста беа објвени фотографии од две момчиња кои имаат 21 и 23 години, на кои може да се забележи дека се претепани и имаат модринки и други повреди на лицето.
Случајот доби поширока јавна димензија откако опозициските партии од албанскиот политички блок, пред сè ДУИ и Алијансата за Албанците, реагираа на наводите за полициска бруталност, објавија фотографии и видео од повредите на двајцата млади и побараа одговорност.
Од ДУИ наведуваат дека, според интерниот полициски извештај, двете момчиња му го одзеле службениот пиштол на еден од полициските службеници. Од партијата, сепак, ја оспоруваат оваа верзија на настаните и тврдат дека пиштолот паднал во автомобилот на момчињата откако полициските службеници го скршиле прозорецот на возилото.
Од владејачката Вреди побараа целосно транспарентна постапка.
Последно реагираа и од Независниот синдикат на полицијата, кои изнесоа спротивни детали.
Оттаму наведуваат дека осомничените претепани момчиња пробале да ги прегазат полициските службеници, а потоа му го одзеле службеното оружје на еден од нив.
Дополнително побараа да на случајот да не му се става етнички предзнак и истиот да не се користи за политичка манипулација.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
