85 години од почетокот на НОБ
Македонија сака европска иднина со крената глава, а не со свиткана кичма, бидејќи македонското достоинство не е предмет на преговарање.
На денот на одбележувањето на 85 годишнината од народното востание против фашистите, премиерот Мицкоски и испрати порака на Бугарија дека нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува.
– Ние бараме да бидеме третирани со иста почит со која ние ги третираме останатите. И затоа сакам јасно да кажам: Нема да ја градиме иднината врз омраза. Нема да ги претвораме разликите во непријателства. Нема да дозволиме минатото да биде пречка за соработка. Но нема ниту да се откажеме од сопственото достоинство. Бидејќи вистинското пријателство не бара откажување од себе. Вистинското пријателство се темели на заемна почит. И вистинската европска иднина мора да биде иднина во која државата ќе влезе со исправена глава. Не со чувство на пораз. Туку со чувство на припадност. Нашата цел е европска иднина. Но држава која е сигурна во себе, во својата историја и во својата иднина. Достоинство не е предмет на преговарање. Сакаме европска иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации – нагласи Мицкоски.
Потсетувајќи на идеалите на партизаните и нивниот стремеж за слободна држава, Мицкоски од свечената академија во Куманово и се обрати и на опозицијата – политичките разлики не смеат да бидат посилни од заедничката одговорност. Потребно е национално единство околу големите стратешки цели.
За стабилна иднина според Мицкоски, клучна е и економската предвидливост.
Амбиција на влада е татковината да напредува така што секоја следна генерација ќе живее подобро од претходната.
11 Октомври е симбол на отпорот и борбата за слобода,а 85 години по народното востание против фашистичкиот окупатор, од Куманово беше испратена порака дека заложбите на партизаните треба да бидат темелот за стабилна и просперитетна држава, која не ни е дадена на подарок.
Споменот на борците и нивната жртва останува трајна обврска да се чува слободата, да се почитува сопствената историја и да се гради држава достојна за идните генерации.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
