Македонија
12. October 2026 - 16:38

Почна изградбата на автопатот од Букојчани до Кичево, ќе биде готов за 4 години

Почна изградбата на автопатот Букојчани–Кичево, долг 11,5 километри. Делницата е дел од Коридорот 8 и треба да ги поврзе автопатите Кичево–Охрид и Тетово–Гостивар–Букојчани. Со тоа ќе се заокружи автопатското поврзување од Скопје до Охрид, а според најавите на надлежните, патувањето ќе трае помалку од час и половина.

„Тоа ќе биде современ автопат на кој нема да има застанувања, односно нема да има патарини. Така што од Скопје до Охрид се надеваме дека ќе патуваме за помалку од еден и пол час. Автопатот од Кичево до Букојчани ќе се гради во две фази: Кичево–Стрелци, 6,5 километри, и Стрелци–Букојчани, околу пет километри“, рече Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта.

За реализацијата на проектот се обезбедени 119 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, грант од 20 милиони евра од Европската Унија и дополнителни 300.000 евра преку Фондот на ЕУ за Западен Балкан. Рокот за изградба е четири години.

Автопатот ќе има по две сообраќајни ленти и една лента за застанување во секоја насока. Проектираната брзина ќе биде од 110 до 130 километри на час.

„И она што е најтешко, ќе има пет мостови, вијадукти, еден тунел со должина од 370 метри, две клучки, што е исклучително значајно, нешто на што не се внимавало во минатото за да има поврзување. Едната е кај Стругомиште, втората овде кај Кичево. Девет потпатници, четири надпатници, шест пропусти и така натаму. Сето ова значи една исклучително тешка работа и задача што ќе ја имаат изведувачите, кои ќе добијат целосна поддршка од Владата“, рече министерот за транспорт, Александар Николоски.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека оваа делница е клучна за целосното автопатско поврзување на Охрид со главниот град, но и за развојот на Коридорот 8. Тој посочи дека стратегијата на Владата се темели на четири столба – патна, железничка, енергетска и гасна инфраструктура.

„Јас сум навистина горд и среќен што присуствувам во овие значајни моменти за иднината на земјата и генерациите коишто доаѓаат, бидејќи сите проекти коишто се дел од оваа стратегија на четири столба можам да кажам дека се започнати, се движат, некои веќе се завршуваат. Јас очекувам многу брзо денеска една делница од автопатот Кичево–Охрид да биде пуштена, тоа е од Извор до Врбјани“, рече Мицкоски.

Премиерот најави и други инфраструктурни проекти, меѓу кои пуштање во употреба на гасоводот кон Грција и на првите километри од Коридорот 10Д следната година.

„Исто така, следната година очекувам пуштање и на гасоводот којшто ќе ја поврзе земјата со нашиот јужен сосед. Започнати се работите на гасниот интерконектор со нашиот северен сосед. Се работат автопатските делници и поврзувањата коишто се дел од Коридорот 8 и Коридорот 10Д. Очекувам на Коридорот 10Д првите километри да бидат пуштени во функција следната година. Се работи и интерконекторот на високонапонско ниво, којшто треба да нѐ поврзе со нашиот западен сосед. Сето она што има смисла и се темели на оваа стратегија на четири столба е задвижено. Се работи и ние како Влада продолжуваме да останеме фокусирани на сето тоа“, истакна премиерот.

Според Мицкоски, инфраструктурните инвестиции се дел од пошироките напори за економски развој на Македонија. Како еден од показателите го посочи растот на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал од годинава, за кој рече дека ја позиционира земјава меѓу првите пет во Европа.