Пензионерите бараат линеарно покачување на пензиите затоа што во пензија сите биле исти пред законот
Пензионери од повеќе градови на Македонија денеска одржаа мирен собир во Прилеп барајќи линеарно покачување на пензиите за сите пензионери.
Велат дека секој оној кој што плаќал поголеми придонеси или имал подолг стаж разликата ја има во основицата на пензијата, а по заминувањето во пензија и хигиеничарите и лекарите биле еднакви и исти пред законот, затоа тврдат дека ова нивно барање било и правно издржано.
„Некои изјавуваат како линеарно, јас учев, јас сум доктор на науки, јас магистар, јас имам долго работено... сите тие работи се вреднувани во решението во основицата и кога ќе го добиеме решението, никој “денар скршен“ не вложува во пензискиот фонд за да се земат процентуално. Затоа ние викаме дека процентуалното зголемување е назаконско“, изјави Кирил Јосифоски, претседател на Иницијативниот одбор од Охрид и Дебрца.
„Тоа е, го кажа и премиерот и министерката за финансии, една милијарда евра годишно. Кога ќе ги поделите на 12 месеци тоа се 62 милијарди денари, односно 5 милијарди денари месечно. Ние бараме тие 5 милијарди, кога ќе ги поделите на 3% се 1.500 денари, значи 1.500 денари за сите нас пензионери е покачен животниот трошок“, кажа Трајче Станојков, претседател на Иницијативниот одбор од Свети Николе.
Велат дека правдањето на Владата дека тоа не го дозволувал Уставниот суд не држело место затоа што ова се решавало со донесување на нов закон.
„Никаде не пишува дека Уставен суд донел заклучок дека Законот е неуставен, значи требаше пак отпочеток да почне, Влада, па премиер, па парламентарци и да го донесат Законот, да дигнат рака, а тие се плашат како политички партии да гласаат. Треба повторно да се гласа“, додаде Митев Трајче, претседател на Иницијативниот одбор од Штип.
Пензионерите побара и оставка од Станка Трајкова, претседател на Сојузот на пензионери бидејќи не ги застапувала воопшто барањата на пензионерите.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
