Ќе се пресметуваат ли платите по час? Договор би требало да има до март
Синдикатите сакаат повисоки плати, работодавачите поголема продуктивност, а Владата прво сака да ги измери ефектите. Плаќањето по саатнина ги собра овие различни очекувања на иста маса, но останува отворено прашањето дали промената навистина ќе им донесе повеќе пари на работниците.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати се надеваат на договор до март, кога треба да се зголеми минималецот. Според КСС, промената треба да овозможи раст на сите плати.
„Време е за еден нов договор помеѓу трудот и капиталот. Време е за промена на методологијата за минималната плата и претворање на минималната плата во минимален работен час, од причина што секој месец имаме различен број работни денови“, изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Организацијата на работодавачи смета дека плаќањето по саатнина би ја поедноставило пресметката на платите. Но, за тоа да функционира, мора да има јасни правила за работното време.
„Мора на некое неделно или месечно ниво да ги има часовите што работникот треба да ги одработи за да ја земе целата плата“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Од Сојузот на стопански комори оценија дека плаќањето по час може да ги мотивира работниците да бидат поефикасни, а времето што ќе им остане по завршувањето на задачите да го искористат за дополнителна работа.
„На пример ситуација, самиот вработен ќе рече во дадена ситуација: 'Јас за 4 часа овдека на ова работно место ја завршив работата'. После може да отиде да доработи на друго место уште 4 и практично да земе дупла плата“, вели претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски.
Владата е подготвена да разговара, но не сака одлуката да се донесе набрзина. Заменик-министерот за економија вели дека прво треба да се види како плаќањето по час би влијаело врз фирмите, јавниот сектор и економијата во целина.
„Од економски гледна точка, можеби ќе даде подобра продуктивност, подобра контрола на вработените и во приватниот и во јавниот сектор, меѓутоа, од друга страна, да видиме дали тоа ќе даде и позадоволни работници со повисоки плати“, вели Ристески.
Сојузот на синдикатите претходно побара да се гарантираат додатоците за прекувремена работа и работа на празници, како и работниот час да биде повисоко вреднуван. Со сегашната минимална плата, еден работен час чини 155 денари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
