Македонија
28. October 2026 - 16:47

Студентите бараат 200 денари за оброк

Премиерот и министерката Јаневска се сретнаа со студентите. Во фокусот на разговорите бил субвенционираниот студентски оброк. Студентите побарале од надлежните да го зголемат сумата од 140 на 200 денари. Но наместо конкретен одговор дали ќе се зголеми сумата на оброкот, Владата им понудила ново системско решение.

Од Владата, пак велат дека на студентите им понудиле нов модел за користење на субвенционираниот оброк преку електронски ваучери во ресторани и кафулиња. Ова би било алтернатива на сегашниот систем со посебни картички на кои се исплаќаат 840 денари, средства што студентите можат да ги користат за различни производи, вклучително и цигари и алкохол.

Средбата меѓу студентите и премиерот, доаѓа по обвинувањата од дел од студентските собранија дека износот на студентскиот оброк не е зголемен три години и дека надлежните не ги почитуваат законските одредби.

Сегашниот износ не е усогласен со стапката на инфлација. Согласно законските измени од 2023 година, субвенционираниот студентски оброк беше зголемен од 120 на 140 денари, со предвидена годишна корекција согласно инфлацијата. Сепак, според студентските претставници, оттогаш износот не е зголемен ниту за еден денар.

Од студентските собранија информираат дека конечната одлука ќе ја донесат самите студенти, преку гласање. Тие ќе треба да одлучат дали ќе го прифатат предложениот модел со електронски ваучери, наменети за користење во угостителски објекти, или ќе се определат за продолжување на актуелниот систем со посебни платежни картички.