Обвинителите избираат нов шеф за организиран криминал и корупција
Јавните обвинители избираат наследник на Ислам Абази. Петмина кандидати се во трка за шеф на обвинителството кое гони организиран криминал и корупција. Двајца од пријавените, Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи се дел од обвинителството за кое претендираат да го водат. Јован Цветановски и Трајче Пеливанов, се виши обвинители, а Лидија Раичевиќ доаѓа од скопското јавно обвинителство.
Кој ќе застане на чело на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, одлучуваат 187 мина јавни обвинители од целата држава. Гласаат на пет избирачки места - во Скопје, Битола, Штип, Гостивар и државното јавното обвинителство. Таму гласаше и републичкиот обвинител, Ненад Савески. Тој, сите кандидати ги смета за докажани професионалци.
Очекува од идниот раководител да придонесе за јакнење на довербата во обвинителството и ефикасност во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Гласањето е непосредно и тајно, а како што велат од избирачките одбори,немало проблеми во текот на изборниот ден.
Кој во следните четири години ќе раководи со обвинителството за гонење криминал и корупција ќе се знае доцна попладне. Резултатите од гласањето прв ќе ги добие Советот на Јавни обвинители кој ќе ги објави на јавна седница најдоцна вечерва.
Изборите се спроведуваат заради истек на мандатот на Абази, чиј избор пред четири години предизвика бурни реакции, беа објавени негови фотографии со функционери на ДУИ, збунета пак беше амбасадата на САД.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
