Алта банка ги скара партиите: Обвинувања за пари, политички врски и бизнис-интереси
Алта банка стана нов фронт меѓу власта и опозицијата. СДСМ бара одговори од гувернерот Славески за тоа како банката добила дозвола да работи во Македонија. Генералниот секретар на партијата, Димитријевиќ, се повика на информации за приведувањето на Давор Мацура, како и за наводно изнесување 400 милиони евра во готовина од трезорот на банката. Побара Обвинителството да отвори истрага за случајот.
„Зошто гувернерот крие колку пари Вучиќ префрлил во Македонија? Дали останаа тука или продолжија понатаму кон Москва? Сега, кога контролата е преземена од Народна банка, не можат да кажат дека не знаат. Зошто се кријат податоците и дали Мицкоски и останатите членови на мафијата имаат свои сметки во Алта банка?“, кажа Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ намерно создава паника за да ја намали вредноста на банката и да овозможи нејзино евтино преземање од, како што велат, бизнисмен близок до Филипче и Заев.
„Откриен е планот на Филипче и СДС. Тоа што со месеци го правеа не беше поради некаков српски свет, туку поради бизнис интереси на Филипче и неговиот ментор Заев. Целта на Филипче и СДС во случајот со Алта банка е да создадат паника и хаос во банкарскиот свет, дека банката е пред распаѓање и дека е неликвидна, за утре ден, близок бизнисмен до Филипче и Заев да ги откупи акциите за багателна цена“, изјави заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
ДУИ бара Владата да објави колку државни институции и јавни претпријатија имале пари во банката и кој ги одобрил тие одлуки.
„Очекуваме Јавното обвинителство, во рамките на своите надлежности, да испита дали при насочувањето на јавните средства постоеле незаконски влијанија, злоупотреба на службената положба, конфликт на интереси или други противправни дејствија. Прашањето веќе не е само што ќе се случи со Алта банка. Прашањето е дали државата знае колку јавни пари се изложени на ризик, како тие завршиле таму и кој бил должен да ги заштити“, велат од ДУИ.
Од ВЛЕН, пак, велат дека е време да се разоткријат врските на семејството Ахмети со Алта банка.
„Паѓа Вучиќ, паѓаат и неговите сателити во ДУИ. Сега се отвораат тајните во Белград, а со нив и сметките. ВЛЕН го кажува ова уште од септември 2025 година. Документите ги доставивме до Државната комисија за спречување на корупцијата. Али Ахмети и ДУИ молчат веќе 13 месеци. Тој молк сега нема да им помогне“, пишуваат од ВЛЕН.
Од друга страна, ЛДП и Левица го критикуваат неделниот лимит од 10.000 денари.
„Трајко Славески и владината елита целосно ја загубиле секаква допирна точка со секојдневниот живот и маката на македонскиот народ! Тие луѓе воопшто немаат поим колку чинат лебот, храната, сметките, струјата, лековите и преживувањето во државата што тие ја донесоа до економска провалија“, реагираат од ЛДП.
„Ужасно е што ограничувањето најтешко ги погодува обичните луѓе, особено пензионерите кои денес чекаат пред затворени експозитури. За функционерите од ДПМНЕ 10.000 денари можеби се статистичка категорија, но за едно семејство тоа се храна, лекови, струја и покрив над глава!“, велат од Левица.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
