Македонија
5. November 2026 - 16:34

Проектот LERMS лансиран во Mакедонија

Шест институции, еден систем и заедничка дигитална платформа за следење на кривичните предмети – Македонија започнува со користење на LERMS. Овој проект во пракса на ЈО, МВР, Царина, Финансиска полиција и разузнавање, и Агенцијата за управување со одземен имот, им овозможува брзо и безбедно разменување на податоци, автоматизирано статистичко и аналитичко известување, како и следење на предметите низ целиот кривично-правен процес.

„Брзината со којашто ќе ги добиваме податоците секако дека ќе даде придонес до ефикасна постапка, односно побрзо и поефикасно собирање на податоци, докази коишто ќе бидат од значење за понатамошниот тек на постапката. И секако на тој начин кога ние како институции реагираме брзо и ефикасно, ќе биде и еден голем придонес кон јакнење на довербата кон овие институции“, изјави јавниот обвинител Ненад Савески.  

Системот ќе овозможи следење на постапките од предистражните дејствија и кривичните пријави, преку обвинителските и судските постапки, до финансиските истраги и постапките за одземање и конфискација на имот. Потписниците на Меморандумот очекуваат овој систем да го забрза и процесот на донесување пресуди.

„Се надевам дека ова ќе ја забрза и подобри состојбата во судството, затоа што доколку немаме правосилни пресуди – излегува дека ние залудно работиме, залудно трошиме труд и енергија. Нашата цел е секоја наша пријава да заврши со правосилна пресуда“, изјави Слободан Ивановски, директор на Управата за финансиска полиција.

Овој проект е финансиран од ЕУ и треба значително да ја олесни меѓусебната соработка на вмрежените институции.