Македонија
5. November 2026 - 16:34

Младите брачни парови ќе плаќаат 60 отсто помалку за изградба на куќа во Скопје

Младите брачни парови и самохраните родители до 40 години ќе плаќаат помалку за изградба на куќа во Скопје. Градот ќе им покрива 60 отсто од комуналиите за куќа до 120 квадрати. Мерката треба да почне да важи од 1 декември, најави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Помошта се однесува на делот од комуналиите што му припаѓа на Градот, додека за целосно ослободување ќе биде потребно да се приклучат и скопските општини, кои треба да го покријат својот дел од давачките.

„Ако комуналиите за одредена површина, на пример, чинат 60 евра за квадрат, за куќа од 100 квадрати тоа би биле 6.000 евра. Од тие 6.000 евра, 4.000 евра ќе ги покрие Градот Скопје, односно ќе ве ослободи од плаќање на тој износ. Тоа е сериозна помош за еден млад брачен пар, бидејќи тие средства ќе можат да ги искористат за да го опремат својот дом и да ги покријат другите трошоци при започнувањето на заедничкиот живот“, објасни Ѓорѓиевски.
За да ја користат мерката, младите ќе треба да имаат сопствена градежна парцела, да не поседуваат друг имот на свое име, а куќата да биде со една станбена единица.

Барањето за аплицирање ќе биде објавено на веб-страницата на Град Скопје, откако предлогот ќе добие зелено светло од советот. 

Мерката е дел од ребалансот на градскиот буџет, со кој се предвидуваат и нешто повеќе од два милиони евра за изградба на нови средни училишта.

„Едното училиште, согласно со она што го ветив во програмата, ќе почне да се гради на почетокот на наредната година во Драчево, а паралелно ќе почне и изградбата на другото во Ѓорче Петров. Станува збор за стари, трошни бараки кои ќе ги претвориме во достоинствени објекти. На тој начин ќе овозможиме и децата и професорите да имаат посоодветни услови за настава и одвивање на своите активности. Многу ми е драго и значајно што годинава имаме сериозни заштеди. Уште на почетокот на годината најавив дека ребалансите на буџетот ќе ги правиме поинаку од практиката во минатото, кога се додаваа ставки за плати. Сега кратиме од платите и од непродуктивните трошоци, а и тендерските постапки ни се јавни и транспарентни, со што остваруваме сериозни заштеди. Тоа ни отвора можност заштедените средства да ги насочиме во проекти“, вели Ѓорѓиевски.

Се предлага и граѓаните еднаш неделно бесплатно да носат кабаст отпад во „Дрисла“, а за оние без превоз „Комунална хигиена“ да врши собирање со минимален надомест. Угостителските објекти ќе треба да имаат сопствени контејнери и ќе можат да го одлагаат отпадот до еден часот по полноќ.