Македонија
6. November 2026 - 16:37

Се поизвесно покачување на водата во Прилеп за 29,3% - Водовод должи 40 милиони денари

Се поизвесно е дека прилепчани од Нова Година ќе плаќаат повисока сметка за вода за околу 29,3%. Цената на водата ја утврдува Регулаторна комисија врз основа на извештаите кои ги доставува прилепски водовод. Комисијата доставила 2 цени минимална и максимална, со препорака Водовод да ја усвои просечната. Од ова Водовод одбрале да одат со цена нешто под просекот. Доколку не се покачат цените било утврдено дека ова Јавно претпријатие не може нормално да функционира. Овие цени ако ги усвои Советот ќе важат за 3 години од 2027 до 2029 година.

„Водовод и Канализација мора да пристапи согласно Закон на утврдување на цени на водни услуги. Ќе можеме и да функционираме непречно и да ги подобриме нашите услуги кон корисниците и да не ги оптеретиме нашите корисници со екстремно зголемување на цената на водата. Ако не се примени ова ќе има нефункционалност на претпријатието не можење на пример да си ги подмири обврските за гориво, ако не може за гориво нема да може да се оди да се поправаат дефекти, да не зборувам за цената на репроматеријалите која за неколку години е зголемена за неколку пати“, истакна Ѓоко Јочкоски, директор на ЈКП Водовод и Канализација – Прилеп.

Претпријатието во моментов е во долгови од околу 40 милиони денари. 

„Кон Студенчица долгот е 12 милиони денари, а вкупно се 40-тина милиони денари“, изјави Јочкоски.

Загубите на вода се 53%, од нив пак 20% отпаѓаат на населбата Тризла и околината. За загубите виновна е старата водоводна мрежа која треба да се смени уште околу 140 км., но исто така и кражби и несовесно трошење. Сега загубите мора да ги плаќаат граѓаните, а законски нема можност да се исклучат оние кои крадат вода или неплаќаат.

„Не можеме да извршиме исклучување на корисник по закон. Доколку се примени истата регулатива како за кражба на струја и за кражба на вода, каде кражбата на електрична енергија се смета за кривично дело, тогаш и кај нас ве уверувам дека многу од корисниците кои на диво се вклучиле сами ќе се исклучат заради можноста од законска регулатива и казни“, додаде Јочкоски.

Во моментов во Прилеп од изворот Студенчица доаѓале 40 литри помалку од потребното за што наскоро ќе биде ставени бунарите во фунција, ако не се подобри хидролошката состојба.