За 4.000 евра заем, барале 2.500 евра камата - детали за вчерашната акција во Куманово
Два притвора, еден куќен притвор, мерки на претпазливост за еден осомничен и еден во бегство. Ова е епилогот од акција во Куманово во која е опфатена петчлена група која се сомничи за изнуда и перење пари.
- Во текот на вчерашниот ден извршени претреси на шест локации на подрачје на Куманово. При претресите пронајдени се, и одземени меѓусебни договори за заем со нереално високи камати, договори за солемизација на недвижен имот, поголема сума парични средства, возила, мобилни телефони и други електронски уреди, вели портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Петчлената група чиј водач е Драган Петровски - Штука оперирала од 2021 година. Давала пари на заем, а за тоа барала нереално висока камата.
Полициајта добила пријави за два такви случаи. Во првиот, групата позајмила 4.000 евра. Со усмен договор било утврдено дека оштетаната парите ќе ги врати за еден месец, но со камата од 2.500 евра.
Сепак, иако парите ги вратила во целост, Штука од неа барал да ја користи својата банкарска сметка за фиктивни уплати и повлекување парични средства. Со закани барал своето возило да го стави како наводен залог за идни фиктивни договори.
Но и тука не застанале. По налог на Штука кај адвокат во Куманово бил изготвен фиктивен договор за купопродажба на возилото, а фалсификуван бил и потписот на оштетената. Во нотарска канцеларија бил изготвен и заверен, фиктивен договор за заем на еден милион денари. Врз основа на тој договор, сопственоста на возилото била префрлена на осомничениот кој сега е во бегство.
Поведена била и постапка за извршување за наводниот долг од милион денари, по што на оштетената ѝ била блокирана банкарската сметка.
Во вториот случај, на друго оштетено лице му биле позајмени 180.000 денари во два наврати. Иако парите биле вратени, групата барала дополнителна камата.
Сомнежите на истражните органи се дека парите кои во кеш се давале под лихва доаѓале од менувачница која исто така е предмет во истрагата. Вчера директорот на БЈБ, Александар Јанев кажа дека тим на Народната банка прави ревизија за да ги утрврди овие сомнежи. Сител ја праша Народната банка до каде е овој процес и што нивниот тим утврдил, но до објавување на прилогот не доби одговор.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
