Македонија
16. November 2026 - 16:30

Годинава најмалото предвремено родено бебе во Македонија имало 530 грама – смртноста е намалена

Само годинава во Македонија пред време биле родени 610 бебиња. Според статистиките предвременото породување во земјава е зголемено од 14 на 19 проценти. Но, од друга страна значително е намалена перинаталната смртност за дури 87 отсто во последната декада.

Само 530 грама имало најмалото предвремено родено бебе годинава на Клиниката за гинекологија. Во моментот на одделот за интензивна нега и терапија медицинскиот персонал се грижи за 43 прематурчиња. Со активно вклучување на родителите се следат светските трендови, како што се кенгурирање и доење со мајчино млеко велат од установата.

И додека последните години значително се подобрени техничките услови за третман на предвремено родени бебиња и ГАК се соочува со недостиг на медицински сестри.

Секое десетто бебе во Македонија се раѓа пред време односно во 22 до 36 гестациска недела.  За да се подобри оваа состојба здравствените власти повикаа уште пред да се планира бременоста родителите да се грижат за здравјето, а потоа и трудниците да одат на редовни контроли.