Алта банка оди на продажба
Народната банка ја почнува постапката за продажба на Алта банка АД Битола. Се продаваат 95,3 проценти од акциите, кои досега беа во сопственост на Алта банка Белград, која е во стечај. Првата аукција на Македонската берза ќе се одржи на 30 ноември.
„Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза на хартии од вредност, по моделот „сè или ништо“, што значи дека се продава целиот понуден пакет акции, без можност да се купи само дел. Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година. Почетната цена изнесува 3.777 денари по акција“, велат од Народната банка.
Доколку акциите не се продадат на првата аукција, следните ќе се одржуваат до 7 декември. На секоја наредна аукција почетната цена ќе паѓа за 10 проценти.
Во меѓувреме, случајот продолжува да предизвикува политички реакции. ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на СДСМ, Филипче, дека се повлекол откако, според партијата, се покажало дека обвинувањата на опозицијата биле неосновани.
„Ширеа паника и хистерија дека банката ќе пропадне и дека граѓаните ќе останат без пари. Откако се покажа дека банката е ликвидна и дека нема да пропадне, почнаа со лични напади врз претседателот Мицкоски. Бараа надзорна расправа во Собранието, која веднаш беше прифатена, но потоа ја одложија за една недела. Сè уште не знаат кога да го закажат продолжението, бидејќи вистината им излезе на виделина“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Од СДСМ, пак, бараат одговор од обвинителството до каде е постапката по кривичната пријава што ја поднесоа против гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и други одговорни лица.
„Дали е отворен предмет? Дали е определен обвинител? Кои дејствија се преземени? Во кривичната пријава има конкретни сомневања за несовесно работење и злоупотреба на службената положба. Трајко Славески е директно одговорен. Тој ја даде дозволата и, како што самиот призна, во координација со Мицкоски ја донесоа Алта банка во Македонија“, велат од СДСМ.
Републичкиот обвинител Савески одговори дека јавноста ќе биде информирана кога предметот ќе стигне во фаза во која ќе може да се зборува за него.
„Во врска со овој случај, сè она што е поврзано, а би било ценето од кривично-правен аспект, кога би дошле до одредена фаза во која би можеле да зборуваме за тој предмет, јавноста ќе биде навремено информирана. Засега не можеме да зборуваме бидејќи законот нè ограничува“, изјави Савески.
Алта банка Битола во моментов работи под привремена администрација на Народната банка.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
