Хаџи Василева го презеде Обвинителството, најавува промени и отпор на притисоците
Искра Хаџи Василева го презеде раководењето со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Во кабинетот ја дочека досегашниот шеф Ислам Абази, кој на својата наследничка ѝ подари букет цвеќе. По заедничкото кафе, двајцата заминаа на средба со државниот јавен обвинител Ненад Савески.
Подобрата внатрешна организација ќе биде еден од првите приоритети на новата шефица. Најави дека ќе ги разгледа и предметите поврзани со полициските службеници, како и лицата кои се најдоа на американската црна листа. Во работата очекува и притисоци.
„Тоа не се единствено влијанија од политичарите, ние и низ работата чувствуваме влијанија од различни центри на моќ, бизнис, други интереси. Суштината е како ние ќе се поставиме во однос на тие влијанија, нашиот интегритет, тука се гледа, а влијанија, имало и ќе има“, вели Искра Хаџи Василева, Шеф на ОЈО ГОКК.
Досегашниот шеф на обвинителството чиј избор пред 4 години ги збуни и американските претставници во земјава, заминува со оценка дека работел професионално.
Зад себе, вели, остава добар тим на обвинители и функционален истражен центар. Одлуката за затворање на истрагата за случајот „Мазут“, која предизвика реакции во јавноста, ја објасни со надлежностите на повисокото обвинителство.
„Затоа е тука Вишото Јавно обвинителство, доколку од страна на Основното Јавно обвинителство нешто е пропуштено, се даваат насоки. Се задолжуваат пониските ЈО да ја продолжиме постапката по насоки како што се дадени во самата одлука на повисокото јавно обвинителство“, изјави Ислам Абази, Јавен обвинител.
Републичкиот обвинител и посака успех на Хаџи Василева, за нејзиниот претходник, рече дека работел професионално.
„Неговото постапување не е забележано дека е против некоја законска норма. Обвинителите од ОЈО ГОКК никогаш не се пожалиле на влијание или притисок“, изјави Ненад Савески, Јавен обвинител на ЈОРМ.
Искра Хаџи Василева беше избрана на непосредни избори во трка со уште четворица кандидати.. Вети ефикасен кривичен прогон и максимално искористување на расположливите средства во борбата со корупцијата и организираниот криминал.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
