Солиден раст, но подлабок минус: Брисел нотира дека Владата го одложи намалувањето на буџетскиот дефицит
Македонската економија продолжува со солидно темпо на раст, кој во првата половина од годинава забрза на 3,7 отсто.
Според есенската прогноза на Европската комисија, на ниво на цела 2026 година растот на бруто-домашниот производ ќе изнесува 3,5 проценти, а слична динамика од 3,4 и 3,3 отсто се очекува и во наредните две години.
Главниот мотор на ваквиот раст е домашната побарувачка — односно јавните инфраструктурни проекти и потрошувачката на граѓаните, поттикната од растот на платите, линеарното зголемување на пензиите, кредитирањето и привремените намалувања на давачките за горивата.
Но, токму големата потрошувачка и зголеменото трошење на државата го кочат побрзото паѓање на цените.
Инфлацијата попушти во текот на летото, но Брисел прогнозира дека годинава таа во просек ќе изнесува 3,3 проценти, вклучително и 3,7 отсто в година — што останува над целта на Народната банка од 2 проценти.
Најкритичните забелешки во извештајот се однесуваат на државната каса.
Комисијата нотира дека владата ја одложила фискалната консолидација и во јули го зголемила планираниот буџетски дефицит од 3,5 на 4,1 процент од БДП за да ги покрие непредвидените трошоци.
Враќањето на дефицитот под законската граница од 3 проценти е одложено дури за 2028 година.
Дополнително, Брисел бележи дека финансирањето на преостанатиот дел од коридорите 8 и 10-д е префрлено вонбуџетски, врз Јавното претпријатие за државни патишта.
Сето ова, според проценките, ќе го турка јавниот долг нагоре — од 51,6 отсто лани, на речиси 55 проценти од БДП до 2028 година.
Како главни ризици за земјава, Комисијата ги издвојува можното ново забрзување на инфлацијата, забавувањето на инфраструктурните проекти, но и повисокото државно задолжување кое може да го истисне кредитирањето на приватниот сектор.
Сепак, спроведувањето на реформите од Планот за раст на ЕУ се оценува како клучна шанса за посилен економски напредок.
А кога станува збор за пошироката слика на континентот, Брисел оценува дека европската економија покажува отпорност и продолжува со умерено закрепнување, поттикната од стабилниот пазар на труд и зголемената куповна моќ на домаќинствата.
Сепак, растот во Европската Унија останува под притисок поради високите геополитички тензии, неизвесноста во глобалната трговија и структурните слабости во индустријата.
Во такви услови,Комисијата им порачува на земјите членки дека паралелно со поттикнувањето на инвестициите и конкурентноста,ќе мора постепено да ги намалуваат буџетските дефицити и високиот јавен долг.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
