Македонија
17. November 2026 - 16:52

Празни клупи во Академијата за судии и обвинители

Две децении Академија за судии и јавни обвинители, но без нова генерација идни судии и обвинители.

Јубилејот институцијата го одбележува во период кога веќе две години нема прием на нови слушатели, а неизвесно е и кога ќе започне новиот циклус на обука.

Во моментов се бара решение кој да ја финансира институцијата, од што зависи и приемот на нови кандидати.

Академијата за судии и јавни обвинители, без нова генерација слушатели одбележа две децении постоење.

Актуелната директорка пред своите колеги судии, обвинители но и претставници на државниот врв, рече дека жали што јубилејот се одбележува без кандидати за идни судии и обвинители.

Околу две години Академијата чека услови за прием на нови слушатели.

Клучниот проблем е финансирањето, за кое се очекува да се најде решение со новиот закон.

Според последните најави од Владата, законското решение треба да биде донесено до крајот на годинава.

Со него треба да се разреши дилемата дали Академијата ќе се финансира преку Судскиот буџетски совет или преку Министерството за правда.

Од тоа ќе зависи и распишувањето нов оглас за прием на кандидати за судии и обвинители.

Во меѓувреме, од Судскиот совет порачуваат дека на правосудството му се потребни квалитетни кадри, кои ќе ја вршат функцијата самостојно и одговорно.

Последната, осма генерација слушатели, Академијата ја промовираше во февруари минатата година.

Вкупно 97 кандидати тогаш добија уверенија за завршена почетна обука, а денеска веќе се на своите работни места како судии и јавни обвинители.