Се прават напори родителите на предвремено родените бебиња да добиваат еднократна парична помош од државата
Се поголем е бројот на предвремено родени бебиња во светот, а тоа се одразува и кај нас.
Само во Прилеп годинава се родиле 40 предвремено родени бебиња. Според лекарите причините за тоа се секогаш различни.
„Најчесто се случува предвременото породување поради уринарни и вагинални инфекции, нередовно контролирани бремености, последните години се зголемува бројот на првородки кои се повозрасни. Исто така имаме ризик и со многу млади првородки, исто и тие влегуваат во ризичната група“, рече Д-р Билјана Кржеска, началник на одделението за гинекологија Прилеп.
„Цело време работиме на тоа да сѐ она нешто што минимално недостасува, таа целина да ја создадеме. Дали тоа ќе остане тука додека биде самостојно со мајката, да бидат заедно, или треба да се пренесе во Скопје, сите тие работи е наша цел и задача да ги обезбедиме“, вели Кире Јоноски, директор на општа болница Прилеп.
Здружението на мајки на предвремено родените бебиња секоја година собирајќи донации набави значителна опрема за неонаталошкото одделение. Годинава Прилеп како прва болница во Македонија ќе добие соба за испраќање на бебињата.
„Прилепската болница ќе добие нова соба, каде што родителите ќе си ги земаат бебињата, значи ќе биде еден убав и достоен пречек. Исто така финансии денес собравме за муралот кој ќе биде нацртан „Добредојдовте во Прилеп“, од нашите уметници“, кажа Данче Оклеска, здружение на мајки на прерано родени бебиња.
Во моментов се прават напори родителите на предвремено родените бебиња да добиваат еднократна парична помош од државата.
„Не тврдиме дека со ова ги решаваме сите потреби на овие семејства, но знам дека за прв пат се прави еден ваков исчекор за поголема институционална грижа и поддршка за предвремено родените бебиња“, додаде Билјана Кузманоска, пратеничка.
„Ние како локална самоуправа даваме поддршка на секое семејство, можеби минимална финансиска, но со тоа сакаме да ги покажеме заложбите дека Општина Прилеп се грижи и сака да се грижи за секое семејство што има новороденче“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Ова одбележување во Прилеп беше по подов Светскиот ден на предвремено родени бебиња.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
