Македонија
19. November 2026 - 17:07

„Блокадата е во Скопје, а не во ЕУ“, оценува директорот за проширување на Унијата

Хрватска повторно го запре затворањето на преговарачките поглавја на Црна Гора со Европската Унија.

На состанокот на амбасадорите на земјите членки во Брисел, Загреб не даде согласност за затворање на поглавјето 15 – Енергетика, а повторно го запре и затворањето на поглавјето 14 – Транспортна политика.

Веста ја пренесуваат и црногорските и хрватските медиуми, кои како можни причини за блокадата го споменуваат спорот околу поморското разграничување и истражувањето на нафта и гас во Јадранот, прашања за кои двете држави подолг период имаат нерешени спорови.

Новата блокада доаѓа само две недели по објавувањето на извештајот на Европската комисија, во кој Црна Гора беше издвоена како предводник во процесот на проширување и земја најблиску до членство во Унијата.

Брисел оцени дека преговорите би можеле да завршат до крајот на годинава, а Црна Гора да стане членка на ЕУ во 2028 година.

Дека земјата е најблиску до членство потврдува и генералниот директор за проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман, во интервју за Атлантскиот совет, во кое испраќа и директна порака до Македонија.

- Блокадата на евроинтеграциите е во Скопје, а не во ЕУ. Копман во интервјуто го пофали напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите од Планот за раст, но посочи дека годинава нема напредок во пристапните преговори. Уставните измени се позиција на ЕУ, а не на Бугарија, вели тој.

„Земјата точно знае што треба да направи за да ги отвори преговорите, а тоа, во суштина, е промена на Уставот. Не станува збор само за бугарско прашање. Ова е став на ЕУ. Тоа е дел од заклучоците на Советот. Земјата, исто така, треба да усвои патокази и акциски план за малцинствата. Направени се чекори во таа насока, иако можеби сè уште не е сè целосно завршено. Но, без уставните измени, процесот едноставно нема да се придвижи напред. Тоа навистина зависи од самата земја. Мораме многу внимателно да го поставиме контекстот. Земјата не е блокирана од некоја земја членка. Таа е блокирана бидејќи, досега, не сака да го направи она за што знае дека е потребно. Мораме да бидеме јасни во врска со тоа“, вели Копман.

Инаку Копман пред три дена во Брисел се сретна со премиерот Мицкоски, а две недели претходно и со претседателката Сиљановска-Давкова.

И Мицкоски и Сиљановска по средбите напишаа дека во фокус на разговорите била европската перспектива на земјава, реформите и можностите за придвижување на пристапниот процес.