СДСМ тврди дека се загрозува вториот пензиски столб, Велковски уверува дека нема укинување
СДСМ обвинува дека со предложените измени на Законот за пензиско власта ја брише одредбата со која се регулира уплатата на придонесите во вториот пензиски столб.
Од партијата предупредуваат дека со тоа се доведуваат во прашање пензиските заштеди на повеќе од 650 илјади граѓани.
Спорна за СДСМ е предложената измена со која се брише членот 120 од постојниот закон, односно одредбата што ја регулира уплатата на 6 проценти во вториот пензиски столб.
„Ако остане вака, ова значи дефинитивно рушење на вториот пензиски столб. Ова се пари на работниците. Ги заработиле со својот труд и секој месец ги издвојуваат од своите плати за идните пензии. Христијан Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори. Зошто се предлага бришење на членот 120? Каде ќе одат придонесите што сега се уплаќаат во вториот столб? Кој ќе одговара што ПИОМ со месеци нема префрлено 50 милиони евра иако му се законска обврска?“, кажа Маја Серафимовска -Борозан од СДСМ.
Министерот за социјална политика, Велковски, пак, вели дека станува збор само за пренесување на законската одредба од еден во друг закон, а не за укинување на вториот пензиски столб.
„Тоа не значи дека придонесот се укинува или дека се укинува вториот пензиски столб. Напротив, неговото нормативно уредување се пренесува во Законот за задолжителни социјални придонеси, каде што системски се регулираат прашањата поврзани со задолжителни социјални придонеси. Значи, вториот пензиски столб продолжува да постои, а придонесот продолжува да се уредува со закон. Станува збор за пренесување на законската одредба од еден во друг закон, а не за укинување на пензискиот столб“, рече Велковски.
Предложените законски измени пред неколку дена беа објавени на ЕНЕР и допрва ќе следуваат залебешки па дури потоа оди во владина и собраниска процедура.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
