20% поевтини производи за студентите корисници на субвенциониран студентски оброк
Студентите ќе добијат нови поволности – 20 проценти попуст на производите што ќе ги купуваат со средствата од субвенционираниот студентски оброк, но и на сите останати производи во маркетите и кај операторите вклучени во мерката. Новиот модел, кој треба да почне да се применува од следната академска година, е најавен како дополнителна поддршка за студентите во услови на зголемени трошоци за живот.
„Она што е важно е дека тоа ќе биде електронска апликација во која студентите, кај сите оператори што ќе ги избере Владата, ќе добиваат со картичката за студентски оброк 20 проценти попуст. Апликацијата за студентски оброк, односно ваучерот за студентски оброк, ќе овозможува 20% попуст на тоа што ќе го земат со тие средства и 20% попуст на сè друго во тој оператор. Ваква мерка во ваква криза навистина е нешто што укажува дека особено многу внимаваме на студентите и особено многу водиме грижа за младите луѓе во земјата, изјави Весна Јанеска, министерка за образование и наука.
Новоизбраниот претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ денеска ќе се сретне со министерката за првпат. Меѓудругото ќе разговараат и за оброкот.
„Откако ќе се видам со новиот претседател и ќе поразговараме на темата студентски оброк, бидејќи тоа е легитимен претставник на студентите на УКИМ, ќе организираме уште една средба со претставниците на студентските собранија на сите универзитети, како што и во минатото го имавме тоа направено, за конечно да го видиме нивното мислење и нивните размислувања“, додаде Јаневска.
Дека ќе има зголемување на износот на оброкот денеска потврди и премиерот, но точната сума дополнително ќе биде соопштена. Студентите претходно на рефендум гласаа за тоа дали сакаат ново системско софтверско решение или да си останат на сегашниот систем со картички. Одлуката се очекува да ја споделат на средбата со Јаневска.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
