Македонија
23. November 2026 - 16:36

Парното поскапува за 7,5%

Поскапува парното. Од идниот месец, скопјани ќе добиваат за околу 7,5% повисоки сметки, покажуваат пресметките кои ги направила регулаторната комисија за енергетика на подготвителната седница одржана утрово. 

Тоа значи дека во еден стан од 60м2 се очекува да стигнуваат сметки кои ќе бидат повисоки за околу 200 денари. 

Слично поскапување ги чека и граѓаните  на скопска Гази Баба кои се греат на т.н железарско парно. Регулаторот пресмета дека нивните сметки ќе се зголемат за нешто над 7,2%. 7,55% повисоки сметки ќе стигнат и кај граѓаните на Скопје Север кои ги загрева компаниајта Енерџи Еколинк. 

Пресметките Регулаторната комисија за енергетика треба да ги потврди со официјална одлука до крајот на месецов. Новите цени треба да почнат да се применуваат од 1 декември, а првите повисоки сметки граѓаните се очекува да ги добијат по Нова година.

Тоа ќе биде трето поскапување во една година. По двете од околу 6%, пресметките покажуваат дека кумулативно заедно со последното поскапување, за една година сметките за греење во Скопје скокнале за над 20%.

Од 1 јануари се очекува и поскапа струја, а Премиерот уверува дека се вложува максимум и покрај енергетската криза и високите цени на берзите, граѓаните да не добијат многу повисоки сметки.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика минатата недела во Тема на денот на Сител рече дека кај струјата треба да се очекува поскапување меѓу 2 и 3%.