Од Собранието најавија итна седница за измените за заштита од насилство штом Владата испрати издвоено мислење
Собранискиот спикер е подготвен да закаже итна седница за да се донесат измените на законите кои треба да обезбедат поголема заштита на жртвите од семејно и родово базирано насилство. По реакциите на граѓанскиот сектор зошто овие закони се закочени со месеци во парламентот, Гаши вели законодавниот дом чека мислење од Владата. Оттаму пак најавија дека во најкус можен рок ќе го испорачаат потребното мислење во Собранието.
Адвокатите кои секојдневно се на линија во одбрана на жртвите велат дека проблемот не е само во законите туки во нивната примена и во отсуството на системска превенција. Електронските алки и новите мерки нема да значат ништо доколку институциите продолжат да си ги префрлаат меѓусебно надлежностите. Само преземањето конкретни мерки од првата пријава без одлагање ќе донесе позитивна промена во црната статистика.
Граѓанските организации порачаа дека времето за чекорење во место е истечено. За ефикасна заштита потребно е јасна и силна регулатива со построги мерки и повеќе средства во буџетот.
Најостра осуда на сите облици на насилство, особено семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и насилството во дигиталниот простор упатија од Синодот на МПЦ ОА, со посебна осуда за фемицидот, оценувајќи го како најсуров облик на насилство врз жените и недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот. Најавија едукација и обука на свештенството за препознавање и соодветно постапување во случаи со насилство.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
