Македонија
15. April 2016 - 16:35

Орав: Партиите да се вратат на преговарачка маса за смирување на ситуацијата и подготовка за избори

Граѓаните и сите партии да учествуваат во демократските процеси на ненасилен начин, лидерите на политичките партии да се вратат на масата за дијалог, и подготовката на кредибилни избори, повика денеска евроамбасадорот Аиво Орав. По средбата која ја имаше со амбасадорот на САД, во еу инфо центарот, Орав повика  дека е време да се превземе одговорност за решавање на кризата.

- Сакам да ги повикам сите страни да избегнат понатамошна ескалација на кризата, намерни провокации со политичка цел се неприфатливи иако секогаш постои искушение во тоа. Доколку насилството започне ќе биде екстремно тешко да се запре и ќе врати години на реформи и напори за интеграција на земјата. Затоа во интерес на граѓаните и на процесот на евтоатлантска интеграција на земјата ги повикуваме политичките сили да се вратат на преговарачка маса за деескалирање на ситуацијата и да продолжат со подготовка за спроведување кредибилни избори, рече Орав.

Според амбасадоро на ЕУ во земјава, одлуката на претседателот Иванов го поткопува владеењето на правото, а функционалниот правен систем е од фундаментално значење за било која држава што сака да има долготрајна демократија, просперитет и мир.

- Проширувањето на ЕУ го става владеењето на правото и правниот систем во срцето на целиот процес. Одлуката на претседателот Иванов за аболиција на сите лица што можеби извршиле криминали сериозно го поткопува владеењето на правото и создава опасна атмосфера на неказнивост. Забележително е дека сите политички партии ја одбија оваа одлука, но што е следно. Јас искрено се надевам дека партиските лидери ќе ја исполнат нивната целосна јавна и политичка одговорност и конечно ќе започнат со решавање на кризата која се продлабочува, така што законодавците и експертите ќе може да се вратат на работа и да се вратат на важниот процес на реформи, рече Аиво Орав.

Орав порача дека е значајно Специјалното јавно обвинителство и судовите да продолжат со својата работа, за како што наведе, правдата и владеењето на правото да надвладеат.