Македонија
10. May 2016 - 16:25

Македонците во Австралија се организираат за прецизно утврдување на нивната бројка во оваа земја

Четири клучни прашања и одговори кои можат да ги утврдат вистинските бројки.

Три месеци пред пописот во Австралија, австралиско македонскиот комитет за човекови права подготви прирачник за припадниците на македонската заедница.

Во соработка со државната статистика ги подготвиле објаснувањата за пополнување со цел утврдување на реалните бројки.

Комитетот нуди помош околу одговорите на прашањата за земјата на раѓање, потеклото и религијата.

Тие на своите сонародници им посочуваат во објаснувањето дека во одговорите треба да ги внесат целосните податоци за да не влезат во процентот на друга националност или религиозна група.

Комитетот нуди одговор и за родените во Македонија и за тие во Егејска и Пиринска.

Пописот е закажан за 9ти август годинава, а за прв пат ќе може да се пополнува и електронски.

Според податоците објавени на веб страницата на австралиско македонскиот комитет за човекови права, ваквиот прирачник за пополнување на податоците помогнале во голем дел припадниците на македонската заедница правилно да одговорат на прашалникот пред пет години.

Според информациите од 2011 година,  93,570 лица опфатени со пописот одговориле дека имаат потекло од Македонија, за разлика од 2006та кога ваков одговор дале десет илјади помалку или  83,978 лица.

Според податоците од последниот попис во Австралија живеат 68,849 лица кои македонскиот јазик го зборуваат дома, а 40.222 се родени во Македонија.

Целосниот прирачник за поплнување на прашалникот припадниците на македонската заедница можат да го пронајдат на веб поратлот на аватсралиско македонскиот комитет за човекови права. Првичните резултатит од пописот кој ќе биде спорведен во август се очекуваат кон средината на 2017 година.