Поевтинуваат приватните специјализации за 20 проценти
За 20 проценти се намалува цената за приватните специјализации. Сите специјализанти на хирургија наместо 12.000 евра ќе плаќаат 9.600 за шестгодишниот период на доусовршување, а партиципацијата за семестар за нехируршки гранки се намалува од 800 на 640 евра. Ова се предвидува со новите измени на законот за здравствена заштита. Министерството за здравство се откажува од дел од финансиските средства наменети за јавните здравствени установи.
- Дел од овие средства, појасни министерот, се наменети за Медицинскиот факултет (за ментори и коментори), а дел за јавните здравствени установи (за едукатори и други трошоци наменети за јавната здравствена установа), така што со ова намалување практично се откажуваме од дел од финансиските средства наменети за јавните здравствени установи, што нема да предизвика никакви последици и на никаков начин нема да влијае на квалитетот на самите специјализации, имајќи предвид дека остатокот од сумата во најголем дел е наменета за професорите на Медицинскиот факултет кои се ментори, коментори и едукатори и еден помал дел за Медицинскиот факултет, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.
Законската измена се очекува да стапи на сила кон крајот на идниот месец. Предходно ќе има поширока јавна дебата.
- Оваа законска измена се очекува да стапи во сила до крајот на идниот месец, а е предложена како резултат на дијалогот што Министерството го воспостави во рамки на дискусиите на седниците на Младинскиот здравствен форум, а конкретно беше предложена од страна на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, додаде Тодоров.
Од новата мерка според министерот за здравство бенефит ќе имаат околу 600 млади луѓе кои сакаат да станат лекари специјалисти. Поевтино ќе плаќаат и оние кои во наредните години ќе се сапишат на специјализација.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
