Со молотови коктели е нападнат Музејот на албанската азбука во Битола
Со молотови коктели непознати лица го оштетиле објектот на националната установа музеј на албанската азбука во Битола. Инцидентот се случил во 4 часот утрото, а веднаш по добиената пријава полицијата поставила обезбедување околу објектот за непречено да биде реализирана истрагата. При нападот оштетени биле влезната врата, прозорецот на вториот кат и спомен плочата поставена на објектот.
Остра реакција од министерството за култура за уништувањето на музејот на албанската азбука во Битола. Реагираат за атакот врз националната установа во која е презентиран дел од културната историја на албанскиот народ во Македонија
-Историјата на албанскиот народ е еден дел од заедничкото мултикултурно наследство кое е силна одлика на Република Македонија. Во таа насока, апелираме на воздржаност од насилство и почитување на културното наследство на нашата држава, се вели во соопштението од Министерство за култура.
Реакции пристигнаа и од политичките партии. ВМРО – ДПМНЕ оценува дека станува збор за изолиран настани повикува на осуда од сите за да се спречи злоупотреба за партиски и политички цели.
-Ги повикуваме надлежните органи побрзо да го расветлат случајот и виновниците да бидат санкционирани. Овој инцидент е обид на одредени сценаристи да предизвикаат дефокусирање од актуелните политички случувања во државата. Апелираме медиумите да не го користат овој настан и да потпаѓаат под манипулациите, кои некој се обидува да ги предизвика во јавноста, бидејќи токму тоа е целта на оваа структура која и во минатото се обидувала на одредени инциденти да им придаде политичка конотација, пишуваат од ВМРО – ДПМНЕ.
И СДСМ преку партиско соопштение го осудува инцицдентот во Битола.
-Во Македонија ќе има мирен трансфер на власта и нова, совесна, реформска Влада којашто ќе обезбеди стабилност и напредок на државата и на граѓаните. Потпалувачите на конфликтите и нарачателите и извршителите на овие противуставни и противзаконски дела ќе одговараат! Ги повикуваме граѓаните да останат смирени и да не потпаѓаат на провокациите на исплашената власт во заминување, пишуваат од СДСМ.
И додека СДСМ обвинува дека ВМРО – ДПМНЕ стои зад нападот, Курир објави текст во кој пишуваат дека молотовите коктели се масло на СДСМ со цел оцрнување на граѓаните кои секојдневно го креваат гласот за заедничка Македонија. Порталот споделува и порака на социјалните мрежи за која тврдат дека е комуникација помеѓу членството на СДСМ во која им се посочува на активистите какви коментари да пишуваат за разгорување на тензиите.
-

Иван Кузмановски
Сите содржини од овој новинар
