"11 Октомври" се уште затворено - Водата хемиски исправна
Водата во ОУ 11 октомври во Центар според хемискиот состав е исправна за пиење. Ова го покажуваат првичните резултати од примероците кои ги анализираше скопскиот Центар за јавно здравје. Од таму информираат дека наредните денови ги очекуваат и наодите за евентуално присуство на бактерии во водата, а во меѓувреме се испитува и квалитетот на воздухот во училиштето. Надлежните сеуште истражуваат поради што над 100 деца вчера не дошле на настава, а завчера 40-тина деца имале симптоми на труење со болки во стомакот, повраќање,дијареа и главоболка. Ден претходно сите биле на училиште и немале никакви здравствени проблеми. Немало отсуства ниту изминатите 2 недели откако почна школската година. Директорката тврди дека водата во 11 октомври е во ред.
- Да бидеме трпеливи и да ги почекаме резултатите до утре. Навистина нема никаков проблем. Јас сега пиев од водата и верувам дека во водата нема ништо. Сето ова е исценирано на друг начин. Влијание за ова што се случува има и топлината и ако имало некој вирус кој децата го донеле, поради топлината се раширил само во тие делови каде што децата најмногу си играат. Постои можност за вирус, зашто вироза има и во други училишта, но не би можела ништо да кажам додека официјално не ги слушнам резултатите, изјави Даниела Костадинова, директор на ОУ 11 октомври
Директорката на училиштето вели дека подолго време имале проблеми со водоводната и канализационата мрежа, и за истото по препорака на ДСЗИ од март годинава во неколку наврати го информирале градоначалникот на Центар финансиски да помогне во санирањето на цевките. Делумно било интервенирано од приватна фирма на 10 август. Ова стои и во записникот на ДСЗИ.
Тројцата ученици со симптоми на труење кои се јавиле на Инфективната клиника се во стабилна состојба. На домашно лекување денеска е пуштено и детето кое имало потешка клиничка слика и два дена лежеше на болница. Од скопскиот Центар за јавно здравје ги задолжиле наставниците да исконтактираат со родителите на сите 110 деца кои вчера не дошле на училиште. Дали поради претпазливост или и тие биле болни.
Вратите на ОУ 11 октомври во Центар денеска останаа затворени. Околу 650 деца останаа дома. Настава нема да се одржува се додека не се утврди точниот извор на труењето.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
