Номинираните за овогодишните „Оскари“ ќе бидат објавени денеска

Американската Академија за филмски уметности и науки денеска во Лос Анџелес ќе ги објави филмовите номинирани за годинашните „Оскари“. Претстојното 97. доделување на престижните награди ќе се одржи вечерта на 2 март во „Долби театарот“ во Холивуд. По две одложувања поради пожарите коишто го опустошија Лос Анџелес, годинешните номинации ќе бидат објавени на интернет, соопшти Академијата.
Глумците Бовен Јанг и Рејчел Сенот ќе ги објават номинациите денес, во 18:30 часот по македонско време.
Според правилата на Академијата, за еден филм да влезе во избор за главните номинации, тој мора да биде првпат прикажан во текот на претходната календарска година, од полноќ на 1 јануари до 31 декември во областа Лос Анџелес. Тоа правило не важи за странските филмови. Натаму, филмот мора да биде долгометражен, т.е. да трае најмалку 40 минути - освен ако не се натпреварува во категоријата за најдобар краток филм.
За филмовите гласаат сите членови на Академијата што, инаку, брои неколку илјади членови и е составена од личности од филмската индустрија. Во повеќето случаи, членовите гласаат за нивните категории, режисери за категоријата режија, глумците за глума, но во изборот за најдобар филм, сите членови се поканети да гласаат.
Овогодишната емисија ќе ја води комичарот, водител и продуцент, Конан О'Брајан.
Според американските медиуми, главни фаворити за изминатава година би можеле да бидат филмовите „Емилија Перез“, „Конклава“ и „Бруталист“.
Оскарите се доделуваат во 24 категории: Најдобар филм, глума, оригинално и адаптирано сценарио, режисер, најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, документарец, анимиран филм, музика, специјални ефекти итн.
Наградата е позлатена статуетка во облик на испревен маж, изработена од британиум, со црна метална основа. Долга е 34 сантиметри и тешка 3,85 килограми. Академијата за филмски уметности и науки е основана од шефот на студиото Метро-Голдвин-Мајер, Луис Б. Мајер.
Минатогодишниот победник беше филмот на Кристофер Нолан „Опенхајмер“, којшто освои седум „Оскари“, вклучително и за најдобар филм, режисер, главна и споредна машка улога.
Ново на Сител
-

Закани за бомби и убиства во медицинското училиште во Тетово – приведен 18-годишник
-

Бирото за образование анализираше колку основците во Македонија се финансиски (не)писмени
-

Војната на Блискиот Исток влезе во 14 ден
-

Трендафилов: Утре протест на ССМ
-

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го контролира ССМ
-

СДСМ: Божиновска била управител во фирма за трговија со струја
-

Јаневска: Законот за високо образование наскоро во владина процедура
-

Сточарите бараат итна исплата на заостанатите субвенции
