Македонија
13. March 2026 - 16:28

Бирото за образование анализираше колку основците во Македонија се финансиски (не)писмени

Силна теорија, слаба пракса. Основците во Македонија ги знаат поимите за финансиската писменост, но тешко се снаоѓаат кога треба да донесат практична одлука со пари, покажува анализата на Бирото за развој на образованието.
Пример, 75% од анкетираните четвртоодделенци знаат што е буџет, штедење и банкарска сметка, но 60% од нив тешко се снаоѓаат во ситуација каде треба да распоредат џепарлак.  

Во анализата се наведува дека 90% од анкетираните деветтоодделенци го разбираат поимот буџет, но само 30% од нив точно пресметуваат каматна стапка. 

Ваквите резулати укажуваат дека основците немаат способност да решаваат покомплекси финансиски задачи – што во пракса соодвствува и со наодите од ПИСА истражувањата, каде само мал дел од 15-годишниците достигнале највисоки нивоа на знаење и одличност. 

„Финансиска писменост и досега стои како слободен изборен предмет во четвртто, петто и шестто одделение. И понаттаму слободен изборен предмет во седмо, осмо и деветто одделение и се уште нели, во старата програма во деветто одделение предметот Иновации. Така што имаат можности и во наставните програми, апсолутно се интегрирани содржини по другите предмети не само по овие слободни изборни предмети“, изјави Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието.  

Има уште многу работа, проценува и министерката Јаневска посочувајќи го истражувањето од OЕCD кое покажа декa половина од населението во Македонија е финансиски неписмено. 

„Ни претстои сериозна работа за подигнувањето на нивото на финансиската писменост. Според последното истражување спроведено од OCD кое ја опфаќа и Македонија, финансиската писменост кај нас е на ниво од 56 % од максималната вредност. Тоа значи дека на граѓаните во просек им недостасува уште половина знаење и умеење практично да го применат за да бидат целосно финансиски писмени, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука. 

За да се зајакне финансиската писменост кај најмладите, експертите во анализата препорачуваат во учебниците да се вметнат објаснети поими за пари, штедење, буџет, камата и инвестирање, практични вежби за ученциите за пресметки за заштеда, како и примена на секојдневни игри со пари.

Анализата е направена од Бирото за развој на образованието, во која учествувале 7000 испитаници меѓу кои ученици, родители и наставници од 68 училишта од сите осум плански региони во земјата.