Македонија
2. February 2024 - 12:16

Нов правилник за основците и средношколците во Штип

Нов Правилник за однесување во основните и средните училишта подготви секторот за образование при локалната самоуправа во соработка со раководствата на сите училишта на територијата на општина Штип. Правилникот содржи некои веќе воспоставени правила на однесувања, меѓутоа и неколку нови. Секој понеделник во сите штипски основни и средни училишта ќе се интонира државната химна, а македонското знаме ќе биде истакнато на видно место.

- Ќе се воспостават и некои нови правила, односно ќе се утврди начинот на користење мобилни телефони, начинот на облекување на сите страни, потоа начинот на меѓусебно однесување, а со ова ќе биде забранет булингот, ќе биде забрането пушењето, внесувањето и консумирањето алкохол, изјави Вишна Шорова – Ангелова, секретар на Општина Штип.

Заедничката мисија на сите ќе биде да ги почитуваат правилата од Правилникот и со тоа да придонесат во подобрување на секојдневието.

- Правилник има за цел да ги поттикне учениците во образовниот процес, самите наставници да ги мотивираат учениците кон љубопитност, истражување и изучување на нивните предмети, а на родителите со Правилникот би сакале да им помогнеме да се развива креативноста и потенцијалот кај нивните деца, изјави Шорова-Ангелова.

Правилникот за етичко однесување не се однесува само на учениците, туку и на наставниците, стручниот персонал и за сите останати вработени во училиштата, како и за родителите.