Македонија
7. May 2022 - 16:33

Нова прочистителна станица и колекторски систем ќе се градат во Дојран

Наместо реконструкција на старата, Дојран ќе гради комплетно нова прочистителна станица. Анализите и физибилити студијата која беше изготвена пред неколку месеци покажале покажале дека ова е најдоброто решение бидејќи со ваквиот проект ќе се зголеми капацитетот за прочистување на отпадните води кои се влеваат во езерото, но и ќе се добие енергетски поефикасен објект со големи заштеди во потрошувачката на електрична енергија. Со изградбата на новата станица општината најавува и целосна реконструкција на колекторскиот систем кој е стар повеќе од триесет години.

„Се работи за изградба на колекторски систем и прочистителна станица кои се стари над 35 години и веќе е дојдено до ситуација одредени места да мора да бидат санирани и ставени во употреба, а со тоа на некој начин ќе го спречиме и директното загадување на езерото кое што доаѓа од фекалиите. Тоа е и целата и показател на некој начин дека прво треба да ги спречиме загадувачите , а подоцна да поработиме и на подобрување на квалитетот. Сега за сега немаме проблем со квалитетот на водата, меѓутоа мораме да го подобриме и да работиме на тој факт бидејќи нашиот бисер Дојранското езеро мора да биде заштитено“, вели Анго Ангов - градоначалник на Општина Дојран.

Поголемиот дел од средствата за реализација на овој проект веќе се обезбедени како грант од страна на владата.

„Уште пред година и пол имаме обезбедено финансиска поддршка и од владата на Република Северна Македонија. Се работи за срествата кои што ги добивме како грант, некаде околу 70 милиони денари. Меѓутоа сега зборуваме за една поголема инвестиција каде што ќе ни требаат и дополнителни средства. За сето тоа се разговара и на повисоко ниво , така што сигурен сум дека ќе ги обезбедиме и дополнителните средства“, вели Ангов.

Прочистителната станица во Дојран со години работи само со еден блок и претставува еден од најгорливите проблеми. Изградбата на новиот систем треба да овозможи поголема заштита на езерото без да постои опасност за квалитетот на неговата вода од зголемениот број на туристи кои во изминатите неколку година повторно почнаа да се враќаат во овој туристички центар.